Fatih Hafız Mehmet
24 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни рабтои, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција им пренела на Соединетите Американски Држави (САД) дека санкциите на САД кон Иран, што ќе стапат на сила на 4 ноември, се еднострани, јавува Anadolu Agency (AA).
Во разговор за АА, Мевлут Чавушоглу истакна дека САД ги воведуваат санкциите кон Иран еднострано и дека Јапонија, Азија, земјите од ЕУ и Турција се против тоа.
Во мај, американскиот претседател Доналд Трамп еднострано го повлече Вашингтон од Договорот за нуклеарната програма склучен во 2015 година меѓу Иран и групата на П5 + 1, петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, плус Германија.
Трамп почна со повторно воведување на американските санкции кон Техеран во август, а санкциите што го таргетираат иранскиот нафтен сектор ќе стапат на сила на 4 ноември.
Се очекува санкциите да влијаат врз иранскиот извоз на нафта, кој го снабдува Техеран со приходите потребни за финансирање на неговиот буџет.
Земјите од Европската Унија заедно со Турција го осудија потегот на Трамп, ветувајќи дека ќе најдат начини да ги заобиколат повторно наметнатите санкции.
„Ние ги пренесовме (до САД) нашите неопходни барања за наше изземање во врска со ова прашање“, истакна Чавушоглу.
Чавушоглу нагласи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно споменал дека Турција увезува природен гас од Русија и Иран и доколку нема повеќе опции, земјата ќе мора да продолжи да зема гас од овие две земји.
Тој рече дека САД донеле одлука, но нагласи дека таа одлука влијае на сите.
„Вие можете да донесете одлука, но зошто сакате да казните други компании и земји? Тоа не е одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН)“, рече Чавушоглу.
Тој нагласи дека Турција веќе им соопштила на САД дека нивните одлуки се еднострани, и во случај земјите да не се согласуваат со нив, кредибилитетот на САД би бил повреден.
„Затоа, пред да преземете чекори за овие прашања, треба да се консултирате, особено со земјите од регионот. Треба да се консултирате со земјите кои вршат трговија со Иран“, рече Чавушоглу.
Тој нагласи дека САД еднострано се повлекле од Договорот за нуклеарна програма со Иран, но дека тоа не го направија европските земји.
„Тоа значи дека за нив овој договор е значаен“, додаде Чавушоглу.