Burak Bir
26 Јануари 2020•Ажурирај: 26 Јануари 2020
АНКАРА (AA) – Бројот на загинати во разорниот земјотрес што во петокот го погоди истокот на Турција се зголеми на 31, соопшти Дирекцијата за управување со вонредни ситуации (АФАД), јавува Агенција Анадолија (АА).
Од АФАД објавија и дека досега се пријавени 1.547 повредени лица, додека спасувачките екипи трагаат по евентуално преживеани лица, како и жртви, под урнатините.
Вкупно се спасени 45 лица, меѓу кои е и две и полгодишно женско дете пронајдено под урнатините 24 часа по земјотресот, и жена, која е извлечена по 17 часа откако е урната нејзината куќа.
Од АФАД нагласија дека напорите на тимовите продолжуваат, а дека во акциите за пронаоѓање на жртвите учествуваат повеќе од 3.430 лица со стотици возила и 17 кучиња трагачи.
Се додава дека тим на геодети ја проценува штетата предизвикана од земјотресот, а според прелиминарните извештаи, срушени се 76 згради, додека 643 се сериозно оштетени, а 425 се помалку оштетени.
Епицентарот на потресот со јачина од 6,8 степени по Рихтер регистриран е во местото Сивирџе, недалеку од градот Елазиг.
Земјотресот се почувствува и во околните градови Адана, Хатај, Османије и во подрачјето на северните делови на Сирија и Ирак.