ИСТАНБУЛ (АА) - ГОКХАН ЕРГОЧУН -
Во настојувањето да заштеди стотици милиони долари годишно за купување медицински уреди од странство, Турција ги интензивира своите напори за развој и производство на овие уреди во земјата, пишува Агенција Анадолија (АА).
Трошоците за увоз на медицински апарати како респиратори или апарати за преглед со рендгенски зраци достигнаа повеќе од 8 милијарди долари во последните пет години, додека има и одреден постепен пад.
Во текот на минатиот месец, Турција исто така ги интензивира напорите за сериско производство на механички вентилатори - уреди кои се клучни за лекување на пациентите со Ковид-19.
Компаниите од полето на одбраната и технологијата „Бајкар“, „Аселсан“ и „Арчелик“ ѝ дадоа поддршка на компанијата од полето на медицинската технологија BIOSYS, во производството на 100 единици од механичкиот вентилатор за период од две недели.
Како дел од проектот, 5.000 единици ќе бидат произведени до крајот на мај. Цената на вентилаторите се движи од 15.000 до 20.000 долари, но апаратот од турско производство ќе чини помалку од половина од тој износ.
Пандемијата на новиот вид коронавирус, Ковид-19, ја зголеми потребата од медицински вентилатори, поради што одбранбените, технолошките и компаниите од автомобилската индустрија во светот беа поттикнати да ги истражат можностите за производство на тие апарати.
- Медицински уреди за преглед со рендгенски зраци -
Во меѓувреме, турскиот гигант во одбранбената индустрија „Аселсан“ се фокусира на медицински уреди за снимки со електромагнетни зраци, вклучително и магнетна резонанца (МР) и рендген.
Компанијата разви мобилен систем на рендген-зраци и се фокусира на сериското производство, според информациите дадени од турската Дирекција на одбранбени индустрии.
„Системот, кој може да биде пренослив, се очекува да биде готов за една и пол година“, се вели од Дирекцијата.
Како дел од своите напори, „Аселсан“ произведе неколку делови од рендгенскиот систем во Турција, како што се генераторот, колиматорот, детекторот и каблите.
Уредот беше и дизајниран од страна на компанијата.
„Аселан“ исто така се фокусираше и на производство на друга медицинска опрема, како што се апаратите за магнетна резонанца.
- Развиен здравствен систем -
Турција е на првото место во светот по бројот на легла на интензивна нега, 40 легла на 10.000 граѓани, наспроти 28 на 10.000 - просекот на земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој (OECD).
Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, изјави дека заклучно со месец март, Турција располага со 25.446 легла за возрасни на интензивна нега.
Пред пандемијата на коронавирусот, Турција имаше околу 17.000 апарати за механичка вентилација, додека неколку големи земји, како што е Велика Британија, имаат помалку од 10.000.
Турција се фокусира на изградба на големи болници низ целата земја со висок капацитет за прием на пациенти и современи медицински уреди.
Додека многу развиени земји нудат многу скапа здравствена заштита, здравствениот систем на Турција е бесплатен.
- Протекционистички мерки -
Особено за време на пандемијата на вирусот Ковид-19, со кој се заразија над 3,3 милиони луѓе во светот, сите земји се соочија со недостиг на медицинска опрема и уреди, со што се зголеми важноста за нивно произведување на национално ниво.
Турција извезува маски, средства за дезинфекција и заштитни одела, но десетици земји имаат протекционистички мерки.
Селчук Бајрактар, главен директор за технологија во компанијата „Бајкар“, минатата недела изјави дека протекционистичките чекори на земјите за домашните потреби им предизвикале штета на сите ним, освен на Турција.
Дури и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската трговска организација ги повикаа владите да постапуваат внимателно во однос на ограничувањата за извоз на механички вентилатори.