Ecenur Çolak
04 Јуни 2017•Ажурирај: 04 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, го осуди вчерашниот терористички напад на Лондонскиот мост и на пазарот Бороу во Лондон, јавува Anadolu Agency (AA).
„Багдад, Кабул и сега Лондон...Тероризмот го осудуваме каде и да е. Со заедничка борба ќе го победиме тероризмот“, порача Чавушоглу преку социјалната мрежа Твитер.
Нападот беше осуден и од страна на министерот за Европска Унија и главниот преговарач за Турција, Омер Челик.
„Најостро го осудуваме бруталниот терористички напад во Лондон. Ние ја делиме болката со народот на Велика Британија“, напиша Челик на социјалната мрежа, додавајќи дека целиот свет претсатвува цел на тероризмот.
Нападот се случи синоќа, кога напаѓачи со комбе удрија во пешаците на Лондонскиот мост, а потоа напуштајќи го возилото, со ножеви ги нападнаа минувачите на пазарот Бороу, каде што полицијата ги застрела сите тројца напаѓачи.
Според последните податоци, во нападот загинаа 7, а ранети се 48 лица.
Полицијата го опиша нападот како терористички, а досега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Британската премиерка, Тереза Меј, во својата писмена изјава истакна дека полицијата овој напад го смета како потенцијален терористички акт.