Gökhan Ergöçün
21 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Домашните туристички активности во Турција забележаа значаен пораст во вториот квартал оваа година, по тешката година во туристичкиот сектор од рестриктивните мерки поради пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Бројот на домашни посетители порасна за 68,6 проценти во периодот од април до јуни во однос на претходната година, достигнувајќи речиси 10 милиони, а граѓаните потрошиле околу 10,7 милијарди турски лири (1,3 милијарди долари), што е за 203,2 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година“, објави Заводот за статистика на Република Турција (ТуркСтат).
Додека 92,1 процент од домашната потрошувачка во туризмот бил на индивидуално ниво, 7,9 проценти биле трошоци за пакет-аранжманите.
Просечната потрошувачка по патување изнесува 1.008 турски лири (120 долари) во текот на тримесечниот период.
Голем удел во трошоците на домашниот туризам се однесуваат на храна и пијалаци - 28,9 проценти, потоа на превоз - 27,6 проценти и на сместување - 16,6 проценти.
„Забележен е пораст на трошоците за храна и пијалаци од 111,9 проценти, на трошоците за превоз од 162,9 проценти и на трошоците за сместување од 836,3 проценти“, вели ТуркСтат.
Во периодот од април до јуни, бројот на домашни патувања пораснал за 78 проценти на годишна основа и достигнал 10,64 милиони.
„Во овој квартал домашните посетители оствариле 89 милиони ноќевања. Просечниот број на ноќевања изнесува 8,4“, се додава од ТуркСтат.