Dilara Hamit
03 Февруари 2022•Ажурирај: 08 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Турција и Украина денеска ја одбележуваат 30-годишнината од дипломатските односи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашите односи со Украина забележаа извонреден напредок во изминатите години врз основа на заемно разбирање, доверба и заеднички интереси“, истакна Министерството за надворешни работи преку соопштение, додавајќи дека односите кои во моментот се на нивото на стратешко партнерство, придонесуваат за мир, стабилност и просперитет во нашиот регион.
Во соопштението, исто така, се истакнува поддршката на Турција за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, и притоа се повторува дека Анкара не ја признава „нелегалната анексија на Крим“ и се залага за мирно решение за источниот регион Донбас во согласност со меѓународното право.
„Заедничките напори за да се заштитат правата и интересите на нашите браќа, кримските Татари, кои претставуваат мост на пријателство и соработка помеѓу Украина и нашата земја, дополнително ги зајакнуваат односите меѓу Турција и Украина“, се додава.
Во соопштението, исто така, се истакнати плановите за „заемни чекори“ за да се помогне во продлабочувањето и проширувањето на „обемот на билатералната соработка“ помеѓу двете страни, вклучително и за време на 10. состанок на Стратешкиот совет на високо ниво, што треба да започне денеска во украинскиот главен град Киев во присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и украинскиот колега Владимир Зеленски.
„На 30-годишнината од воспоставувањето на нашите дипломатски односи, ние ја потврдуваме нашата волја за понатамошен развој на нашата соработка во сите полиња за благосостојба на нашите народи“, се додава во соопштението.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ќе ја посети Украина на покана на претседателот Владимир Зеленски, за да присуствува на 10. состанок на Стратешкиот Совет на високо ниво помеѓу двете земји.
На состанокот, двајцата лидери, заедно со своите делегации, ќе зборуваат за можностите за дополнително продлабочување на соработката и ќе разменат мислења за регионални и меѓународни прашања, како и за билатералните односи.