Fahri Aksüt
26 Јуни 2020•Ажурирај: 27 Јуни 2020
АНКАРА
Судот во Турција денес изрече повеќекратни доживотни затворски казни за 86 членови на терористичката организација ФЕТО, кои се товарат за учество во обид за воен удар во јули 2016 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
23. Кривичен суд во Анкара денес изрече пресуди во процесот за настаните кои во текот на ноќта кога дојде до обидот за воен удар се случувале во Командата на турската жандармерија во Анкара.
На повеќекратни доживотни затворски казни се осудени 86 обвинети членови на терористичката организација ФЕТО и се товарат за обид за рушење на уставниот поредок во Турција.
По истата точка на обвинението на доживотни затворски казни од страна на судот во Анкара се осудени уште 35 обвинети лица.
Меѓу осудените е и поранешниот полковник Еркан Октем кој за време на обидот за пуч го застрелал и ранил тогашниот шеф на Одделот за антитерористички операции, Тургут Аслан.
На него за обид за рушење на уставниот поредок му е изречена деветкратна доживотна затворска казна, а за обид за убиство му е изречена додатна затворска казна во траење од 20 години.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација со години, преку местење на испитите, напредуваа во службата, на тој начин инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во турското правосудство се обидоа со монтиран процес за наводна корупција да процесуираат бројни високи претставници.