Seyit Şamil Kurt
07 Април 2026•Ажурирај: 07 Април 2026
Турцијa денес најостро го осуди упадот во комплексот на џамијата Ал-Акса од страна на крајно десничарскиот израелски министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, нарекувајќи го неприфатлива провокација против историскиот и правен идентитет на едно од најсветите места во исламот, јавува Анадолу.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти: „Силно го осудуваме упадот на израелски министер во џамијата Ал-Акса.“
Министерството ги оцени како неприфатливи прекршувањата и провокациите на Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху насочени кон историскиот и правен идентитет на Ал-Акса, свето место што им припаѓа исклучиво на муслиманите.
Во соопштението, исто така, се истакнува дека обезбедувањето на Ал-Акса да остане отворена за муслиманските верници и укинувањето на сите ограничувања што ја попречуваат слободата на вероисповед на светите места во окупираниот Источен Ерусалим, се заедничка одговорност на меѓународната заедница.
Крајно десничарскиот министер Итамар Бен-Гвир вчера изврши упад во комплексот на џамијата Ал-Акса во Источен Ерусалим.
Израелските власти ги држат затворени џамијата Ал-Акса и Црквата на Светиот Гроб веќе 38 дена, повикувајќи се на „вонредната состојба“ прогласена по почетокот на американско-израелскиот напад врз Иран на 28 февруари.