Merve Özlem Çakır
14 Јули 2021•Ажурирај: 15 Јули 2021
АНКАРА
По повод петтата годишнина од неуспешниот обид за воен удар кој терористичката организација ФЕТО го изврши во Турција, од Анкара кон Истанбул утринава тргна Возот на демократија и националното единство - 15 Јули, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за брз воз кој во потполност е прекриен со мотивите на Денот на демократијата и националното единство кој утре се одбележува во Турција.
Сите влезници претходно се купени и возот од Анкара тргна со потполн капацитет.
Генералниот директор на Железницата на Турција (TCDD Tasimacilik), Хасан Пезук, изјави дека возот е обоен со мотивите кои се симбол на националното единство, а дека и во внатрешноста на возот се поставени билборди и на екраните пуштени филмови за предавничкиот обид за пуч кој пред пет години го извршија терористите на ФЕТО.
„Ова е третпат да организираме вакво возење во рамките на одбележување на годишнината од обидот за пуч. Целта ни е да укажеме на славната победа која е извојувана со волјата на народот, да потсетиме на поуките кои ги извлековме од предавничкиот обид и идните генерации да не го заборават тоа“, изјави Пезук.
Тој истакна дека Железницата на Турција негува 165 години долга традиција и дека низ историјата секогаш ја бранела независноста на Турција.
„Нашиот Воз на демократија и национално единство - 15 Јули, во текот на два месеци ќе вози на релација Анкара - Истанбул - Анкара, ќе помине речиси 56.000 километри и ќе пренесе околу 60.000 патници, а во таа пригода ќе обезбедиме сите уште еднаш да го почувствуваат духот и заедништвото со кои е спречен обидот за пуч“, изјави Пезук.
- Kрвавиот обид за пуч во Турција
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.