Eşber Ayaydın
01 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
ШАНЛИУРФА (АА)
- Ешбер АЈАЈДИН
Во подрачјето на Харан во турската област Шанлиурфа, се наоѓа една од најстарите населби во светот. На тој локалитет кој е ставен на Привремената листа на светско наследство на УНЕСКО, откриен е салонот на палатата „Харан“ стар 9 века.
Проф. д-р Мехмет Онал, предавач на Катедрата за археологија на Факултетот за уметности и науки на Универзитетот „Харан“ и раководител на ископувањето на урнатините во Харан, за Агенција Анадолија (AA) истакна дека осум години работат на ископување на урнатините, финансирано од страна на Министерството за култура и туризам на Турција и други турски институции.
Посочувајќи дека палатата е еден од ретките примери на трикатни палати од средниот век кои опстанале до денес, проф. Онал рече дека палатата содржи и многу мистерии.
Онал дека наишле на историски остатоци од Источното Римско Царство (Византија) и од Омајадите, и дека за време на ископувањата пронашле многу детали од главната порта на палатата, нејзината бања, одбранбените кули и од приватни простории.
Наведувајќи дека историската зграда содржи многу простории и дека продолжуваат активности за нивно откривање, проф. д-р Онал продолжи со зборовите:
„Оваа година, нашите ископувања продолжуваат во салонот на вториот кат на оваа палата. Во салонот има многу земја. Во 1272 година, Могулите го запалија и уништија Харан. Потоа сезонски или на секои 3-5 години во времето на Мамлуците, а подоцна и за време на Османлиите, овде доаѓале семејства и се населувале. Секој доселеник ја подига основната почва за околу 30-40 сантиметри. Како што гледате, за околу 800 години почвата достигнала висина од 7-8 метри. Голем дел од таа почва е расчистен при ископот што го направивме годинава“, рече проф. д-р Онал.
Наведувајќи дека ископаниот салон е поврзан со четири правоаголни простории и дека тие простории се полни со земја, Онал рече дека откако ќе стигнат до подот на салонот, ќе почнат да работат на расчистување на земјата која се наоѓа во тие простории.
Подвлекувајќи дека има простории во палатата „Харан“ во кои сѐ уште не можеле да стигнат, проф. д-р Онал рече дека очекуваат да најдат важни индиции за тој период.
- „Планираме вториот кат од палатата да го претвориме во научен музеј“
Гувернерот на областа Харан, Џихат Коч, наведувајќи дека имаат за цел на виделина да го изнесат минатото на Харан, кое е преполно со тајни, рече дека планираат да го зголемат бројот на посетители со културното богатство кое ќе се зголеми со ископувањата.
Гувернерот Коч, исто така рече дека замокот „Харан“ е една од најголемите структури во Анадолија.
„Многу извори откриваат и дека Големиот храм на Сабејците се наоѓа на дното на замокот. Открива дека првото нешто што е изградено овде, бил храм. Моментално не ја знаеме точно функцијата на двата ката на палатата затоа што е полна со околу 7-8 метри земја. Сѐ уште не сме го нашле влезот на долниот кат. Работите овде не само што ќе ја расветлат историјата на регионот, туку многу ќе влијаат и на туризмот на регионот. Планираме вториот кат од палатата да го претвориме во научен музеј. Ова ќе стане место кое ќе биде посетувано од туристите, а ќе се претвори и во природно плато за снимање филмови и ТВ-серии“, додаде гувернерот на областа Харан, Џихат Коч.