Dilara Hamit
24 Февруари 2021•Ажурирај: 25 Февруари 2021
ИЗМИР
Турските безбедносни сили денеска во операции во западната област Измир приведоа 130 војници поради наводна поврзаност со терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Операциите се спроведени низ 47 области во земјата, при што канцеларијата на јавниот обвинител во Измир издаде налози за приведување на вкупно 148 осомничени лица, од кои 103 биле на должност.
Меѓу лицата кои се бараат во операциите поради наводите за присуство на ФЕТО во Турските вооружени сили се наоѓаат полковник, како и потполковници, мајори, капетани, наредници и специјални наредници.
Осомничените се товарат за комуникација со т.н. „тајни имами“ на ФЕТО преку говорници.
Дванаесетмина од осомничените припаѓале на копнените сили, додека 47 биле од воздухопловните сили, 18 од морнарицата, 38 од жандармеријата и 19 од крајбрежната стража. Четиринаесет од осомничените дипломирале во воени училишта кои биле распуштени по обидот за пуч.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, стојат зад неуспешниот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 лица беа повредени.
Терористичката ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за уривање на државниот поредок преку инфилтрирање на своите поданици во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.