Durmuş Genç,Levent Kişi
13 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
МУГЛА (АА) - Под зајакнати безбедносни мерки, во турскиот град Мугла започна третото рочиште на судењето на групата од 44 уапсени и тројца обвинети во бегство, за обидот за атентат на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и за убиство на двајца полицајци. Станува збор за напад што се случи за време на неуспешниот обид за воен удар, кој на 15. јули во Турција го изврши терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Судењето се одржува во приспособената конференциска сала на Трговската комора во Мугла, а обвинетите членови на терористичката организација ФЕТО, во групи и со зајакнати безбедносни мерки утринава се доведени од затворот во судницата.
Судскиот процес се одржува во приспособена сала поради недоволниот капацитет на постоечката судница во зградата на правосудните институции во Мугла за толку големи процеси.
При подготовките и во текот на првото рочиште од судењето, групата атентатори ги надгледуваат припадници на турската полиција, жандармеријата и специјалните сили од хеликоптер.
Процесот го води 2. Кривичен суд во Мугла, а пред судницата се собраа поголема група граѓани кои носеа транспаренти и постери за поддршка на турскиот претседател Ердоган. Насобраните фрлаа јажиња со јамка и извикуваа „смртна казна“ додека полицијата ги воведуваше обвинетите лица.
„Висок човек не се понижува, волјата на народот е непобедлива“, „Game Over FETO“ и „Предавници кои ја продаа верата“ се некои од транспарентите кои наосбраните ги носеа.
Продолжението на судењето за лицата осомничени за обид за убиство на претседателот Ердоган во хотелот во Мармарис, во кој престојуваше за време на обидот за воен удар, го следат семејствата на обвинетите, како и голем број акредитирани новинари.
Во обвинението се товарат вкупно 47 осомничени лица за обид за убиство на претседателот Ердоган, кршење на Уставот, кривично дело против институциите, напад на Владата, водење и членство во терористичка организација и за голем број други кривични дела. Првообвинет во случајот е Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО, а им се суди на уште двајца во бегство и 44 уапсени осомничени лица.
Меѓу осомничените се и 38 војници за кои обвинителството бара да бидат изречени повеќе доживотни затворски казни.
За време на обидот за воен удар во јули минатата година во Турција, налогодавачите од редот на терористичката организација ФЕТО кои претходно беа инфилтрирани во турската војска и во другите институции, му наредија на специјалниот тим да изврши атентат врз претседателот Ердоган кој таа ноќ престојуваше со семејството на одмор во хотел во Мармарис.