Ali Rezzakoğlu,Zehra Nur Düz
23 Март 2021•Ажурирај: 24 Март 2021
АНКАРА
Десетици демонстранти се собраа пред Амбасадата на Косово во турскиот главен град, Анкара. Тие го искажаа своето незадоволство од потегот на Косово да ја отвори својата амбасада во Кудс (Ерусалим), јавува Агенција Анадолија (АА).
На протестите организирани од Организацијата за хуманитарна помош (ИХХ) и Трговската унија „Мемур-Сен“, присуствуваа турски активисти и арапски студенти.
„Ние веруваме дека потегот на Косово да отвори амбасада во Кудс ќе остане црна дамка во историјата“, рече во изјава за медиумите Захид Шенгул, од Унијата „Мемур-Сен“.
Во изјавата се повикуваат и лидерите на Косово да ја повлечат својата одлука.
„Исто како што го браневме Косово по цена на нашите животи за време на неговата војна за независност, ние ќе застанеме во одбрана на државата Палестина под израелска окупација“, се вели во изјавата.
Зборувајќи за АА, Шенгул изјави дека тие нема да ја запрат борбата сè додека на Палестинците не им бидат дадени нивните права.
„Ние ќе ја продолжиме нашата борба сè додека ционистичките натрапници не ја напуштат палестинската територија, вклучувајќи го Кудс“, изјави Шенгул.
Хутаифа Јасин, палестински студент во Анкара, изјави дека тој учествува во протестите за да го искаже својот бес во врска со потегот на Косово.
„Кудс беше и сè уште е главен град на Палестина и Израелците немаат право таму“, додаде тој.
Студентката од Јордан, Џилан Абу ал Руб, која исто така учествува на протестот, изјави дека го прави тоа за да искаже строго осудување на потегот на Косово.
„Нашиот став го претставува секоја слободна личност на овој свет која ги отфрла израелските напади и дискриминацијата практикувана од апартхејд-државата Израел против палестинскиот народ“, изјави таа.
Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово на 14 март објави дека официјално е отворена Амбасада на Косово во Кудс.
Во соопштението на косовското МНР е нагласено дека Амбасадата на Косово во Кудс, отворена е врз основа на Вашингтонскиот договор од 4 септември 2020 година, со кој е формализирано заемното признавање помеѓу Косово и Израел, како и врз база на посветеноста на Владата на Косово кон израелската влада и американската администрација и преземените чекори од 1 февруари.
Турција ја осуди одлуката на Косово.
Градот Кудс (Ерусалим) останува во срцето на деценискиот конфликт на Средниот Исток, при што Палестинците инсистираат Источен Кудс - нелегално окупиран од Израел од 1967 година - да служи како главен град на палестинската држава.
Две години Израел ги убедуваше земјите да ги преместат своите амбасади од Тел Авив во Кудс.
Земјите членки на Европската Унија одбија да го сторат тоа во очекување на конечниот договор меѓу Израелците и Палестинците за прашањето на Кудс.
Меѓу државите на ЕУ, само Унгарија отвори канцеларија со дипломатски статус во Кудс.
Освен САД и Гватемала, земјите низ светот досега одбија да ги префрлат своите амбасади од Тел Авив во Кудс.