АНКАРА (АА) - „Турција ја отфрли резолуцијата усвоена од Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД) за ерменските тврдења“, се соопштува од турското Министерството за надворешни работи, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ние ја отфрламе резолуцијата Х.Р. 296 под назив „Афирмирање на записите на Соединетите Американски Држави за ерменскиот геноцид“, што ја усвои Претставничкиот дом на САД“, се вели во соопштението на Министерството, повикувајќи се на настаните од 1915 година.
Претходно, Претставничкиот дом усвои резолуција со која се признава т.н. ерменски геноцид, при што пратениците ја изгласаа со 405 гласа наспрема 11.
Од Министерството се додава дека подготвената резолуција нема никаква историска ниту правна основа.
Нагласувајќи дека резолуцијата не е правно обврзувачка и е „безначаен политички чекор“, Министерството соопшти дека таа се однесува само на ерменското лоби и на антитурските групи.
„Оние кои се чувствуваа поразени затоа што не можеа да ја спречат операцијата „Извор на мирот“, многу грешат доколку сметаат дека би можеле да се одмаздат на овој начин“, се вели во соопштението, повикувајќи се на антитерористичката операција на Турција во северна Сирија, која беше започната на 9 октомври.
Се додава дека турската Влада и турскиот народ сметаат дека резолуцијата е целосно неважечка.
„Резолуцијата е против САД и меѓународното право, и претставува инкриминација против принципите дефинирани во Конвенцијата од 1948 година за спречување и казнување на кривичното дело геноцид“, се вели во соопштението, во кое се истакнува дека не постои пресуда од надлежен суд што ги наведува настаните од 1915 година како кривично дело геноцид.
„Напротив, Европскиот суд за човекови права донесе значајна пресуда во која е предвидено дека настаните од 1915 година претставуваат легитимен предмет за дебата“, се истакнува во соопштението.
Министерството, исто така, истакна дека дебатата за настаните е за историја, а не за политика, и потсети на предлогот на Турција даден во 2005 година за формирање Заедничка историска комисија.
Во соопштението се вели дека предлогот бил одбиен од ерменската страна.
„Несомнено, оваа резолуција негативно ќе влијае на сликата за САД пред јавноста во Турција, бидејќи исто така го доведува во прашање достоинството на Претставничкиот дом на САД“, велат од Министерството.
- Резолуцијата неважечка -
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, по усвојувањето на резолуцијата, на Твитер напиша: „Уништена голема игра со операцијата „Извор на мирот“.
„Оние чии проекти [во северна Сирија] беа осуетени се свртуваат кон старите резолуции. Круговите што веруваат дека ќе се одмаздат на овој начин, грешат. Оваа срамна одлука на оние што ја искористуваат историјата во политиката е неважечка за нашата Влада и народ“, додаде тој.
Шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, исто така предупреди дека оние што гласале за резолуцијата ќе бидат одговорни за влошување на билатералните односи.
„Гласањето на Претставничкиот дом на САД за ерменската резолуција е многу проблематично за секој што се грижи за односите меѓу САД и Турција. Оние што гласаа за оваа резолуција ќе бидат одговорни за влошувањето на стратешките односи во турбулентниот регион“, напиша Алтун на Твитер.
Во врска со ставот на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во врска со настаните, Алтун рече: „Претседателот Ердоган веќе изрази и упати сочувство до ерменската заедница. Тој исто така изрази подготвеност да формираме заедничка историска комисија за испитување на она што се случило за време на Првата светска војна“.
Алтун, исто така, го повика ерменскиот народ да не дозволи нивната историја да стане алатка за домашни политички потреби, додавајќи дека Турците и Ерменците живееле заедно во регионот со векови.
„Политизацијата на историјата за политички потреби е неприфатлива“, рече тој.
Тој, исто така, предупреди на интервенции од трети земји.
„Историјата нè научи дека ваквите интервенции од лица од надвор, кои веќе нанеле голема болка во нашиот регион, нема да им донесат никакво добро на нашите односи“.
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, исто така ја осуди резолуцијата.
„Ерменската резолуција на Претставничкиот дом на САД е еден од срамните примери за користење на историјата како алатка на политиката“.
„Оние кои ја обвинуваат Турција за геноцид треба да ја погледнат прво својата историја и крвавата историја на терористичките организации Асала и ПКК“.
Основана во 1975 година, ерменската терористичка група АСАЛА е одговорна за стотици крвави терористички напади. Во текот на таа деценија уби повеќе од 30 турски дипломати и официјални лица во различни напади.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
Ставот на Турција за настаните од 1915 година е дека смртта на Ерменците во источна Анадолија се случила кога некои застанале на страната на Русија и се побуниле против османлиските сили. Последователното преселување на Ерменците резултирало со голем број жртви.
Турција се спротивставува на претставувањето на настаните како „геноцид“, и тие настани од 1915 година ги декларира како трагедија во која обете страни претрпеле жртви.
Анкара повеќепати предлагаше формирање на заедничка комисија на историчари од Турција и Ерменија, и меѓународни експерти за да се испита проблемот.
- Предлог-закон за санкции -
Министерството за надворешни работи на Турција, исто така, го осуди одобрувањето на нацрт-законот со кој се предвидуваат санкции за Турција поради операцијата „Извор на мирот“ во северна Сирија.
Двопартиските американски пратеници, исто така, усвоија нацрт-закон со 403 наспрема 16 гласа, кој се обидува да воведе санкции за Турција поради нејзината антитерористичка операција во северна Сирија.
„Ние остро го осудуваме усвојувањето на нацрт-законот, со кој се предвидени санкции против Турција, врз основа на операцијата „Извор на мирот“ во Претставничкиот дом на САД денес [октомври 29]“, се вели во соопштението на Министерството.
„Предлог-законот, насочен кон нашите високи функционери и нашите вооружени сили, е некомпатибилен со духот на нашата Алијанса на НАТО и е во спротивност со договорот постигнат за Сирија со администрацијата на САД на 17 октомври“, се додава од Министерството, повикувајќи се на договорот за паузирање на операцијата на 120 часа за да се овозможи повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од планираната безбедносна зона.
Исто така, се нагласува дека американските официјални претставници - кои ја занемариле разликата меѓу сојузничка земја и терористичка организација, и исто така ја легитимирале терористичката организација со својата реторика и постапки - не можат да постигнат ништо со едностраните закани за санкции.
„Го повикуваме американскиот Конгрес да не ги користи билатералните прашања за домашна политичка корист и да дејствува во согласност со духот на нашето сојузништво и партнерство“.
„Ја повикуваме американската администрација да преземе неопходни чекори за да спречи понатамошно влошување на нашите односи“, се истакнува во соопштението.
Алтун, исто така, го критикуваше одобрувањето на Нацрт-законот.
„Обидот да се санкционира сојузник на НАТО со цел да се заштити терористичка организација може само [да се] опише како стратешка кратковидост и одвојување од реалноста на теренот“.
„Предлог-законот на Претставничкиот дом кој се заканува со санкции против Турција е во спротивност со духот на стратешкиот сојуз“, додаде тој.
Алтун истакна дека нацрт-законот не може да го одврати цврстиот став на Турција за борба против тероризмот и рече дека законот само се заканува да ги оштети билатералните односи.
„Овие дрски напори да се оштети нашата врска ќе имаат долготрајни штетни последици во многу области на постојната билатерална соработка“.
„Ние ќе продолжиме да ги пренесуваме нашите легитимни безбедносни проблеми на сите меѓународни платформи и да се бориме против тероризмот во сите форми за меѓународна безбедност и мир во нашиот регион“, додаде тој.
news_share_descriptionsubscription_contact
