Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
04 Октомври 2020•Ажурирај: 05 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Турција денес остро ги осуди израелските власти за одобрувањето нови единици на еврејски населби на окупираниот Западен Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Вестите дека израелскиот премиер Нетанјаху одобрил [изградба на] нови нелегални населби на Западниот Брег се нов доказ за окупаторската идеологија на оваа земја, која не ги почитува меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Нагласувајќи дека одобрувањето докажува дека Израел не се има откажано од својата политика за анексија, во соопштението се додава: „Неодамнешните тврдења на некои земји дека го запреле спроведувањето на овие планови за анексија со потпишувањето договор за нормализација со Израел јасно покажува дека тоа е само измама.“
Министерството порачува дека Турција не ги признава овие нелегитимни чекори на Израел и ја повика меѓународната заедница да се спротивстави на напорите со кои се атакува на правата на палестинскиот народ и нивниот идеал за независност.
Истакнувајќи дека палестинските територии му припаѓаат на палестинскиот народ, во соопштението се вели дека Турција ќе продолжи да стои покрај народот на Палестина и да ја поддржува неговата кауза.