Mehmet Tosun
10 Мај 2022•Ажурирај: 11 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Министерството за семејство и социјални услуги на Турција соопшти дека се домаќини на вкупно 1.380 украински жртви на војната, на чело со децата од домовите за сираци и нивните старатели, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од почетокот на војната, 988 деца кои живеат во домовите за згрижување во Украина и 392 нивни старатели се донесени во Турција. Првата украинска група пристигна на 25 март. Потоа на различни датуми пристигнаа уште 8 групи.
Жртвите од војната во Украина сместени се во хотелите во градовите Анталија, Мугла и Сакарија.
Министерството за семејство и социјални услуги на Турција е одговорно за сместувањето и пристапот до социјалните услуги на Украинците погодени од војната.
Со Украинците од моментот на пристигнувањето во Турција се одржуваат поединечни средби, со цел да се направи планирање според нивните потреби.
Исто така обезбедена е поддршка и од персоналот на Министерството за семејство и социјални услуги.
Услугите во хотелите каде што престојуваат Украинците се надгледувани и контролирани од стручниот персонал на Општинскиот директорат за семејни и социјални услуги.
Основните потреби на Украинците се задоволуваат преку фондации за социјална помош и солидарност во општините каде што се населени.
Доколку се потребни здравствени услуги, децата се упатуваат во болници.
Децата од Украина, на кои им се обезбедува и образовна поддршка, добиваат и учебници и разна литература.
- Планирања за курсеви по турски јазик -
Персоналот на Програмата за социјална поддршка на семејството (ASDEP) обезбедува психосоцијална поддршка за украинските деца за да бидат што помалку погодени од војната.
Во тие рамки, во програмата организирана во Адана, на која учествуваше и министерот за семејство и социјални услуги Дерја Јаник, украинските деца заедно со своите турски врсници го прославија 23 Април - Денот на националниот суверенитет и Денот на детето.
Меѓу другото, се организираат социјални, културни, спортски и едукативни активности за децата од Украина во соработка со Турската црвена полумесечина, УНИЦЕФ и некои невладини организации.
Исто така, се прават планови за обезбедување курсеви за учење на турскиот јазик за украинските деца со цел да се приспособат на средината.