Mehmet Yılmaz
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
БУДИМПЕШТА (АА)
- Мехмет ЈИЛМАЗ
Унгарскиот турколог Едит Таснади, која со турскиот јазик се запозна во 1962 година, ги продолжува студиите за Турција и турскиот јазик на Катедрата за туркологија на унгарскиот Универзитет „Еетвес Лоранд Тудоманјегјетем“ (ELTE), кој се смета за првиот институт за туркологија во светот.
Таснади, која на унгарски преведе речиси 60 книги од Орхан Памук, Илбер Ортајли, Јашар Кемал и многу светски познати турски писатели, за Агенција Анадолија (АА) се осврна на нејзината 60-годишна авантура испреплетена со Турција и турскиот јазик.
Истакнувајќи дека одлучила да стане лингвист под влијание на нејзиниот унгарски професор за време на средното образование, Таснади рече дека ја избрала Катедрата за туркологија откако нејзин роднина ѝ рекол дека унгарскиот и турскиот се блиски јазици.
Таснади посочи дека современиот унгарски содржи многу зборови од турско потекло, и дека студентите по јазик/книжевност ја учат таа лексика за време на нивното образование.
Таа наведе дека нејзините студентски години се совпаѓаат со периодот на Студената војна, помеѓу 1962 и 1967 година, дека се соочувала со различни потешкотии бидејќи Турција и Унгарија се наоѓале во два посебни блока, и истакна дека во овој период не можеле да набават книги ниту од Турција.
Таснади, нагласувајќи дека имале сериозни проблеми со набавка на турски книги кога ги започнале студиите на Универзитетот, рече: „Можевме да најдеме турски книги издадени само во Бугарија. Тогаш можевме да учиме само граматика, немавме шанса практично да го вежбаме турскиот јазик.“
Едит Таснади расажа дека по постдипломското образование почнала да работи во Редакцијата за турски јазик при унгарското државно радио и дека таму работела во периодот 1967 - 1990 година.
Истакнувајќи дека во Унгарија имало голема побарувачка за турска литература дури и за време на Студената војна, Таснади рече дека добивале корпи со писма од слушателите на радиото.
- „Најубавото нешто на светот е да се биде Унгарец во Турција“
По работата во радиото, Таснади истакна дека работела пет години на Катедрата за унгаристика на Универзитетот во Анкара и дека во овој период имала шанса одблизу да ги запознае Турците.
„Најубавото нешто на светот е да се биде Унгарец во Турција. Турција е многу убаво место, нејзините луѓе се многу пријателски расположени, љубезни и гостопримливи. Тие особено ги сакаат Унгарците. Секогаш се чувствував многу добро додека бев во Турција. Турците никогаш не ме разочараа и мојата љубов кон нив не е намалена до ден-денес“, нагласи Таснади.
Меѓу другото, Едит Таснади истакна дека нејзиниот најстар син живеел во Турција и учел турски јазик додека престојувал во Турција, а магистрирал на Блискоисточниот технички универзитет (ODTÜ).
- „Туркологијата во Унгарија, еден вид национална наука“
Истакнувајќи дека работелa и како предавач на Катедрата за туркологија на унгарскиот универзитет ЕЛТЕ, познат како првиот институт за туркологија во светот, Таснади додаде:
„Институтот за туркологија во Унгарија е најстариот во светот. Бидејќи туркологијата во Унгарија е еден вид национална наука. Со други зборови, ние со туркологијата се обидуваме да го истражуваме сопственото минато. Од една страна, Унгарците кои воспоставија татковина живееја во огромните азиски степи (со Турците) пред да дојдат во денешна Унгарија. Имаме заедничко номадско минато и заеднички живот во османлискиот период. На оваа катедра најмногу се изучува историјата на јазикот, особено османлискиот период. На оваа катедра се примаат многу малку студенти. Оние што дипломираат тука, стануваат или филолози или историчари.“
Таснади повеќе од 30 години работи како преведувач од турски на унгарски и обратно, и многупати била официјален преведувач за време на официјалните посети на претставниците на двете земји.
Туркологот Едит Таснади е добитничка на значајни награди како што се наградата на Фондацијата на писатели и уметници во туркискиот свет (TÜRKSAV) за давање придонес во туркискиот свет, Унгарскиот државен орден за заслуги, Орденот на Вамбери и наградата „Балинт Баласи“.