Arif Yavuz
30 Јуни 2021•Ажурирај: 02 Јули 2021
АФИОНКАРАХИСАР
- Ариф ЈАВУЗ
Селото Учлеркајаси во местото Ихсание во турската област Афионкарахисар, историската Фригиска Долина, благодарение на големиот број историски места и „самовилските оџаци“, стана честа дестинација за оние кои бараат алтернативна туристичка рута.
Министерството за култура и туризам на Турција, Министерството за животна средина и урбанизација и Гувернерството на Афионкарахисар секојдневно ги зголемуваат инвестициите од своите буџети во подрачјето во кое се наоѓа историската Фригиска Долина, во местото Ихсание.
Долината Фригија, која е во центарот на вниманието на многу турски и странски туристи, содржи голем број историски места кои чекаат да бидат откриени. Вниманието го привлекува и селото Учлеркајаси, мистериозниот и скриен историски рај во овој регион.
Претседателот на Здружението за култура на Фригија, Танжу Тетик, за Агенција Анадолија изјави дека селото Учлеркајаси носи траги од цивилизациите на Фригијците, Грците, Галатите, Римјаните, Византијците, Селџуците и Османлиите.
Информирајќи дека во нивното село има многу фригиски артефакти, Тетик истакна дека во последниот период зголемени се инвестициите во туризмот.
Тетик соопшти дека во селото има храмови на отворено, гробници, единечни и повеќекатни живеалишта врежани во карпите, митолошко складиште на вино, митолошка зандана, кралски гробници и „самовилски оџаци“ од Фригијците.
Изјавувајќи дека селото Учлеркајаси е „скриениот рај на Фригија“, Тетик продолжи со зборовите: „За ова место можеме да кажеме дека е мистериозното село на мистериозната Фригија. Неодамна, оваа мистерија почна постепено да исчезнува. Луѓето сега ја знаат историската Фригиска Долина. Сега сите ги знаат и езерото Емре и селото Ајазини во регионот. Домашните и странските туристи кои минуваат низ овој регион, кога ќе ги здогледаат карпестите населби покрај патот, го посетуваат и селото Учлеркајаси. Бројот на туристи кои доаѓаат во нашето село се зголемува експоненцијално секој ден.“
- „Селото Учлеркајаси е една од алтернативните рути“
Азиз Ахмет Оздемир, кој раководи со ресторан и хотел бутик во селото, рече дека поголемиот број од туристите што го посетуваат регионот се од Европа.
Истакнувајќи дека поради пандемијата, природните живеалишта, селата и историските места се на списоците со приоритет кај туристите, Оздемир посочи дека селото Учлеркајаси во Фригискиот Регион се наоѓа на една од алтернативните рути.