Zeynep Katre Oran
15 Октомври 2023•Ажурирај: 16 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Меѓу доказите документирани од Амнести интернешнал дека израелската војска користела артилериски гранати со бел фосфор во густо населените цивилни подрачја на Газа, се наоѓаат и фотографии направени од фоторепортер на Анадолу.
Амнести интернешнал соопшти дека Програмата за одговор на кризни ситуации на организацијата собрала уверливи докази кои ја документираат израелската употреба на артилериски ракети со бел фосфор во Газа.
Видеа и фотографии потврдени од Лабораторијата за кризни докази на Амнести интернешнал покажуваат дека Израел користел бел фосфор врз енклавата што ја бомбардира од 7 октомври.
Меѓу собраните докази е и фотографијата од артилериските гранати М825 и М825А1 со ознака D528, идентификациски код кој го користи американското Министерство за одбрана за „муницијата со бел фосфор“, направена на 9 октомври од фоторепортерот на АА, Мустафа Ал-Харуф.
Во АА визуалите објавени се фотографии од 10 и 11 октомври кога белиот фосфор експлодира во воздухот за време на израелските воздушни напади врз Газа.
- Што е бел фосфор?
Чадот од бел фосфор, кој според меѓународното право е забранет за употреба во области со густо цивилно население, може да предизвика рани на белите дробови и задушување при негово вдишување.
Белиот фосфор, кој може да предизвика изгореници на кожата од втор и трет степен, лесно се запалува кога доаѓа во контакт со кислород. Кога се користи како бомба, предизвикува пожар, како и ефект на експлозија.
Пожарите предизвикани од бомби со бел фосфор може да се прошират на големи површини и може да траат сé додека не се исцрпи целиот фосфор во областа.
Многу е тешко да се лекуваат оние кои се изложени на белиот фосфор, кој се внесува во телото преку вдишување, контакт или голтање. Белиот фосфор се лепи на површините и е исто така опасен и за оние кои лекуваат повреди предизвикани од бомбата, поради што треба да добијат посебна обука за да се заштитат.
Периодичното изложување на супстанцијата може да предизвика напредна деформација на коската на вилицата и да предизвика нејзино кршење.
- Белиот фосфор во меѓународното право -
Според Конвенцијата на Обединетите нации (ОН) за конвенционално оружје (CCW), нападите со запаливо оружје во воздух, во цивилни области, се забранети.
Нема законски пречки за користење на чадот што го испушта белиот фосфор за цели како што е камуфлирањето на воените единици на отворени области.
Од друга страна, продолжуваат дискусиите за тоа дали белиот фосфор треба да се смета за воено злосторство поради влијанието и штетите што ги предизвикува врз луѓето кога се користи.