Ali Murat Alhas
14 Септември 2020•Ажурирај: 15 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека турскиот брод за сеизмички истражувања „Оруч Реис“ е вратен во пристаништето заради сервисен преглед и надополнување на залихите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во изјава за телевизиската куќа НТВ (NTV) ја коментираше актуелната ситуација на Источниот Медитеран и нагласи дека повлекувањето на бродот во пристаништето не значи отстапување на Турција од нејзината политика за истражување на ресурсите во тој регион.
Шефот на турската дипломатија Чавушоглу, исто така, изјави дека е можно да се воспостави директен дијалог меѓу Турција и Грција за да се надминат проблемите на Источниот Медитеран и додаде дека и Турција ќе постави предуслови, доколку Грција биде и понатаму истрајна во своите предуслови.
Тензиите меѓу Турција и Грција се зголемени откако Турција минатиот месец започна со истражување на енергетските ресурси во турскиот епиконтитнентален појас на Источниот Медитеран.
Турција се противи на обидите на Грција за одредување на поморските граници на Источниот Медитеран со помош на малите острови кај турскиот брег.
Официјална Анкара заговара праведна распределба на ресурсите и тврди дека право на нив имаат и кипарските Турци и Грци.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, претходно изјави дека дијалогот и преговорите се единствен пат за решавање на спорот и ја повика официјална Атина да ги почитува правата на Турција.