Behlül Çetinkaya,Muhammet Tarhan
10 Март 2022•Ажурирај: 11 Март 2022
АНТАЛИЈА (АА) - Уште еднаш нагласивме дека особено хуманитарните коридори треба да се држат отворени без да се наидува на некакви пречки, изјави министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, наведувајќи дека постои потреба од одржлив прекин на огнот меѓу Русија и Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу го оцени трилатералниот состанок на министрите за надворешни работи, Русија - Украина - Турција, што се одржа во хотелот „Регнум Карја“ во Анталија на маргините на Форумот за дипломатија во Анталија (ADF) со посредство на Турција.
Истакнувајќи дека за време на состанокот ја истакнал потребата за спасување на цивилите кои се наоѓаат среде војна што е можно поскоро, Чавушоглу рече: „Секако, за ова има потреба од одржлив прекин на огнот. Додека не се воспостави одржлив прекин на огнот, хуманитарниот прекин на огнот мора да функционира на терен. Уште еднаш нагласивме дека особено хуманитарните коридори треба да се држат отворени без да се наидува на некакви пречки.“
Чавушоглу истакна и дека ситуацијата на терен е видена при евакуацијата на турските граѓани.
Наведувајќи дека ваквата средба на политичко ниво е важен почеток, Чавушоглу рече:
„На дневен ред дојде овој состанок да се одржи на ниво на лидери. Украинската страна [претседателот Владимир] Зеленски, е подготвена за таква средба. [Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј] Лавров, на состанокот кажа дека господинот [рускиот претседател Владимир] Путин во принцип не е против таква средба.“
Министерот Чавушоглу, во однос на денешната средба, исто така додаде: „Се разбира, оваа средба се одржа во моменталните постоечки услови, но и покрај сите тешкотии, можам да кажам дека средбата беше многу цивилизирана. Секако, страните на цивилизиран начин ги бранеа своите позиции и своите мислења.“
На прашањето за барањето на Украина Турција да биде гарант за мировниот договор, Чавушоглу нагласи:
„Има многу елементи на преговори меѓу Русија и Украина, вклучително и неутралноста, а на маса е потпишувањето на сеопфатен мировен договор. Знаете дека во таков случај Украина сака некои земји да бидат тука како гарант. Една од нив е Турција. На нашата билатерална средба денеска [украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро], Кулеба уште еднаш го потврди ова.“