АНТАЛИЈА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека најдоброто решение за Либија е политичкото решение, и дека пучистите никогаш не треба да се наоѓаат во раководството на една земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу заедно со министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, на активноста „Откриј повторно“, на која се промовираат услугите за безбеден туризам во процесот на нормализација во борбата против епидемијата од Ковид-19, одржаа заедничка прес-конференција.
На прес-конференцијата, осврнувајќи се на случувањата во Либија, Чавушоглу нагласи:
„Хафтар не ги слушаше повиците. Напротив, ја зголеми својата агресивност. Не е можно тој да победи. Имаше можност за политички процес. И тоа го изгуби. Ваков еден пучист не треба да има место во раководството на една земја. Пучистите никогаш не треба да се наоѓаат во раководствата на земјите. Најдоброто решение за Либија е политичкото решение“, нагласи Чавушоглу.
- „Ние сме подготвени за дијалог со сите“ -
Турскиот министер истакна дека во Источниот Медитеран ниту еден договор без Турција нема валидност, додавајќи дека тоа не успеале да го објаснат со зборови, затоа сега го објаснуваат со дела.
„Ние сме подготвени за дијалог со сите, вклучително и со Грција“, нагласи Чавушоглу на прес-конференцијата.
Изјавувајќи дека терористичката организација ПКК се симнала во областа Сулејманије во северен Ирак, тој рече дека организацијата контролирала стотици места.
„Тие контролираат стотици места. Прават притисоци на партиите што се наоѓаат таму. Значи оттаму претставуваат закана за нас. Операцијата „Канџа“ ќе продолжи постепено сѐ додека терористите не се расчистат од таа област. Тоа е добро и за Ирак и за нас“, нагласи Чавушоглу.
Одговарајќи на прашањето на еден странски новинар, Чавушоглу изјави дека голем број од градоначалниците од редовите на Народната демократска партија (HDP) се на своите должности.
„Зошто на некои им беа одземени функциите? Бидејќи тие ги користеа парите од трезорот за поддршка на терористите. Која земја може да го толерира ова? Мора да направиме разлика. Ние мора да правиме разлика помеѓу политичарите и оние што ја злоупотребуваат оваа моќ да ги поддржуваат терористите“, нагласи министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.