Burak Bir
21 Април 2021•Ажурирај: 22 Април 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска изјави дека Турција ќе продолжи внимателно да се придржува до деценискиот меѓународен пакт со кој се регулира теснецот во Истанбул кој води кон Црното Море, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во минатиот век, Црното Море никогаш не беше море на воена конфронтација, дури ни за време на Втората светска војна“, рече Чавушоглу на вебинарот организиран од три меѓународни тинк-тенка.
„Главната причина зад ова е деликатната рамнотежа, воспоставена со Конвенцијата од Монтре. Ние ќе продолжиме да го спроведуваме транспарентно и непристрасно како што тоа го правевме од 1936 година“, додаде тој, наведувајќи го датумот на основањето на пактот.
Осврнувајќи се на конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно Карабах, кој се случи во текот на минатата есен, тој нагласи дека конфликтите и кризите исто така го покажуваат значењето на безбедноста и стабилноста во Црноморскиот Регион.
Конвенцијата од Монтре беше потпишана во 1936 година, со која на Турција ѝ се дава контрола над нејзините теснеци и овластување да го регулира транзитот на поморските воени бродови.
Чавушоглу, сепак, тврди дека конвенцијата не е сама по себе доволна за одржување на стабилноста, бидејќи провокациите мора да се избегнат и страните треба да работат напорно за да се осигурат дипломатијата и дијалогот да надвладеат.
Осврнувајќи се на трилатералната средба на министрите за надворешни работи на Турција, Полска и Романија, закажана за Букурешт овој четврток, Чавушоглу рече дека трите сојузнички земји во НАТО делат слични пристапи за решавање на предизвиците со кои се соочуваат регионот и светот.
„Нашите граници се граници на НАТО. Затоа, решивме да ги користиме нашите заеднички пристапи, географијата и чувството на сопственост како позитивни покренувачки фактори“, додаде тој.