Zehra Aydın
22 Септември 2017•Ажурирај: 23 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, денес во Анкара го повтори повикот до претставниците на Курдската регионална управа на северниот дел на Ирак, да се откажат од референдумот најавен за 25 септември оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим денес во Анкара престојуваше во посета на генералното седиште на Конфедерацијата турски синдикати (Turk-is), а по посетата одговараше на прашањата на новинарите. Во таа пригода, Јилдирим се осврна и на актуелната ситуација во врска со планираниот референдум на северниот дел на Ирак.
„Сакам да го повторам повикот, сѐ уште не истече времето. Управата на северниот дел на Ирак, Барзани, треба да се откажат од тој инает. Референдумот што се обидува да го одржи, а на кој се противи целиот свет и кој не е во согласност со меѓународното право, нема да донесе ништо добро ни за нашите браќа Курди во тој регион. Нема да донесе ништо добро ниту за регионот во целина“, изјави Јилдирим.
Јилдирим укажа на фактот дека во регионот веќе има проблеми како терористичките организации ПКК и ДЕАШ, како и дека во Сирија е во тек борбата против ПЈД/ЈПГ и ДЕАШ.
Како што рече тој, потребно е да се воздржат од создавање нови проблеми покрај веќе постоечките.
Тој се осврна и на градот Киркук и изјави дека се работи за град каде што имало обид во потполност да се измени демографската структура.
„Според оригиналната состојба, 70 отсто од жителите на Киркук се Туркмени. Според тоа, спроведувањето на каков било референдум таму би бил референдум во кој прашањето би се поставило на погрешни луѓе. Тоа во потполност е противправно. Во секој поглед, Регионалната курдска управа во северен Ирак би требало да се откаже од оваа авантура. На тоа потсетуваме како Турција, која повеќе децении вложува и дава поддршка за стабилноста во регионот, како и за мир и просперитет на нашите курдски браќа. Се надеваме дека до овој референдум нема да дојде“, порача Јилдирим.
Претседателот на Курдската регионална управа на северниот дел на Ирак, Мерсуд Барзани, во јуни соопшти дека на 25 септември ќе се одржи референдум за независноста на тој автономен ирачки регион, што наиде на остри осуди и негодување од меѓународната заедница.
Само Израел ја поддржа таа идеја.
Премиерот на Ирак, Хајдар ал Абади, изјави дека тоа е противуставен чин и оти резултатите на таков референдум не можат да бидат признаени. Тој најави и можна воена интервенција во случај да дојде до нереди во тој дел на Ирак.