Hatice Özdemir
21 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
АНКАРА (AA) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, денес во Анкара изјави дека терористичката организација ДЕАШ е подеднаква закана за целиот регион, за цела Азија, Европа и за Америка, јавува Anadolu Agency (AA).
На седницата на клубот на пратениците од Партијата на правдата и развојот (АК Партија), чијшто претседател е Јилдирим, тој потсети на нападот во Вираншехир, во југоисточниот турски град Шанлиурфа, кој го изведоа припадниците на терористичката организација ПКК.
„Ова сите длабоко нѐ потресе. Овој терористички напад не беше насочен кон вработените во судот туку и кон нашите браќа од Вираншехир, кои ги има 250.000, но и на нашето братство“, порача Јилдирим.
Тој потсети на терористичкиот напад во Пакистан што минатата недела го изведоа припадниците на терористичката организација ДЕАШ, и додаде дека тогаш загинаа повеќе од 70 невини луѓе, а 150 беа ранети.
Премиерот на Турција, Јилдирим повтори дека терористичката организација ДЕАШ претставува голема закана.
„Колкава закана ДЕАШ беше за регионот, толкава закана е за целата Азија, Европа, Америка. Човекот е цел на терористичките организации, без оглед на нивното име. Закананата што денес чука на нашите врати, утре ќе чука на вратите на оние што ја тапкаат по грбот“, рече Јилдирим.
Исто така, тој додаде дека во последно време во одредени земји е забележан пораст на расистичкото и дискриминаторско однесување.
„Овие постапки ги хранат злосторствата од омраза и ги уништуваат универзалните човекови вредности, една по една. Ја уништуваат културата на живеење во заедницата. Ги хранат терористичките организации“, изјави Јилдирим и ги повика земјите да го направат она што можат за мирот на човештвото и на светот.
Тој зборуваше и за референдумот за уставните промени во Турција, кој треба да се одржи на 16. април.
Исто така, Јилдирим додаде дека во 2017 година влегоа брзо, дека не треба да се заборават случувањата од 2016 и оти од нив треба да се извлече поука.
„Оние што прават планови да ја уништат иднината на Турција, осудени се на пропаст. Ниту една сила не може да го запре напредокот на Турција. Турција чекори со сигурни чекори. И покрај сѐ, ја чува стабилноста. Ниту малку не сомневајте се во тоа“, порача Јилдирим.