Aynur Ekiz
10 Мај 2017•Ажурирај: 11 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, остро ја критикуваше синоќешната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп, кој даде одобрување на Пентагон за опремување и вооружување на сирискиот огранок на ПКК, ПЈД/ЈПГ, јавува Anadolu Agency (AA).
„За нас се неприфатливи сите иницијативи за директно или индиректно помагање на терористичката организација ПКК. САД и Република Турција се два важни сојузника во НАТО и затоа сметаме дека Америка нема да одбере меѓу билатералната соработка на највисоко ниво и терористичките организации“, изјави Јилдирим во обраќањето пред новинарите на аеродромот „Есенбога“ во Анкара, непосредно пред заминувањето во Лондон поради учество на конференција за кризата во Сомалија.
Премиерот Јилдирим, изјави дека ставот на Турција е многу јасен и оти од почетокот тврди дека во борбата против терористичката организација ДЕАШ не може да се користи ПКК, ниту која било друга терористичка група.
„Тоа секогаш јасно им го кажуваме на нашите соговорници. Со користење на една терористичката група, невозможно е да се победи некоја друга таква група. Подоцна таа група ќе ви стане проблем. Тоа многу добро го знаат и САД“, изјави Јилдирим.
Јилдирим истакна дека смета оти американската администрација сѐ уште има можност на највисоко ниво да ја почитува чуствителноста на Турција за прашањето во врска со терористичката организација, и дека во спротивно, негативни последици ќе сносат и САД.