Ali Kemal Akan
24 Јануари 2018•Ажурирај: 24 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, изјави дека операцијата на неутрализирање на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во подрачјето на Африн, северозападна Сирија, тече според планот, и дека досега се погодени и неутрализирани вкупно 214 мети, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот премиер денес во Анкара го прими премиерот на Нигер, Бриги Рафини, во палатата Чанкаја, а по состанокот имаше обраќање пред новинарите на кое се осврна на актуелната воена операција „Маслинова гранка“ во Африн.
„Во тек е чистењето на теренот. Операцијата ќе трае сè додека тоа погранично подрачје не биде во целост исчистено од терористичките елементи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ“, изјави Јилдирим.
Премиерот на Нигер изјави дека и Нигер се соочува со терористички закани и дека добро ја разбира Турција во тој поглед.
„Кога е во прашање безбедноста, Турција за Нигер секогаш беше пример на одлучност, отпор, сила и издржливост. Не сакам ниту да помислам каква би била ситуацијата во регионот, да немаше вакви операции кои Турција веќе долго ги спроведува“, изјави Рафини.
Тој додаде дека и Нигер се бори против различни терористички групи во регионот Сахел и дека ќе се бори до завршувањето на таа закана.
Турските сили и Слободната војска на Сирија на 5. ден од операцијата „Маслинова гранка“ напредуваат кон центарот на Африн од север, запад и северозапад, а досега ослободија најмалку 14 точки.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција коешто е засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без судири ја предадоа контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК.
Тоа стана еден од главните центри на оваа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментно под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која е на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. Од средината на 1980-тите години, ПКК води терористичка кампања против Турција.