Fatih Hafız Mehmet
10 Март 2019•Ажурирај: 11 Март 2019
АНКАРА (АА) - Терористичката организација ЈПГ/ПКК имаше 12 обиди за напади со дронови врз Турција во изминативе две недели, јавува Anadolu Agency (AA).
Според безбедносни извори, дроновите биле користени од подрачјето источно од реката Еуфрат во Северна Сирија.
„Сите обиди беа спречени од страна на турската војска“, додадоа изворите.
Обидите на ЈПГ/ПКК биле насочени кон турските воени бази во југоисточниот дел на Турција, вклучувајќи ја и базата во подрачјето на Силопи во турската област Ширнак, потоа подрачјето на Ислахије во Газиантеп, Суруч и Биреџик во Шанлиурфа.
Мурат Аслан, од Директоратот за безбедносни студии на фондацијата СЕТА за политички, економски и социјални истражувања од Анкара и дел од Универзитетот „Хасан Калјонџу“ во Газиантеп, за АА изјави дека поради нападите од ЈПГ/ПКК, Турција има право на самоодбрана.
Аслан истакна дека нападите го одразуваат вакуумот на моќ во регионот, а исто така се показатели дека американската војска во регионот не успеала да ги спречи нападите.
„Затоа, Турција може да преземе какви било мерки за запирање на таквите напади“, истакна Аслан.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца. ЈПГ е нејзин сириски огранок.
Во моментов САД имаат над 2.000 војници распоредени во Сирија.