Admir Fazlagic
05 Април 2017•Ажурирај: 06 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – По повод 97. годишнина од основањето на турската државна новинска агенција Anadolu Agency (AA), министерката за информатичко општество и администрација на Република Македонија, Марта Арсовска-Томовска, упати честитка до агенцијата.
Во честитката, министерката Арсовска-Томовска наведува дека во овие комплексни времиња за новинарската професија, кога, како што вели, традиционалните медиуми водат битка за својот опстанок, а подемот на интернет медиумите и социјалните мрежи овозможуваат масовна дисеминација на непроверени, неточни или таканаречени „лажни вести", најважно е да се обезбеди пристап до објективни, точни и проверени информации.
„Како агенција која 97 години е активен чинител на светскиот медиумски простор, турската државна агенција Анадолија е пример за коректно, објективно и навремено известување, кое е во согласност со највисоките новинарски и етички стандарди. Од тие причини сосема заслужено ја има довербата и на македонската публика, а задоволството е уште поголемо заради одлуката да се отвори сервис и на македонски јазик”, истакнува министерката.
„На уредувачкиот колегиум, новинарите, дописничката мрежа и сите вработени во редакциите во Скопје, Анкара и низ целиот свет, им ја честитам годишнината и им посакувам уште долги години плодна и успешна работа”, се вели во честитката на министерката Арсовска-Томовска до Anadolu Agency (AA).