Bekim Laci
27 Февруари 2019•Ажурирај: 28 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Официјално Скопје и Тирана ја делат истата визија според која регионот ќе биде вклучен во Европската унија (ЕУ). Ова е заедничката констатација на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров и Гент Цакај, овластен министер за Европа и надворешни работи на Албанија, кои одржаа заедничката прес-конференција во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Димитров кој денеска го пречека на средба Гент Цакај, истакна дека за време на средбата размениле мислења за тоа како 2019 година да ја направат успешна за земјата, но и за Албанија и упати благодарност до Цакај поради тоа што Тирана брзо го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.
Димитров нагласи дека со неговиот колега од Тирана разговарале за билатералната соработка и за европската перспектива на регионот, бидејќи, рече тој, успехот на една земја е успех и за останатите земји во регионот.
„Разговаравме за сороботка во други полиња пред сѐ во контекст на Коридорот 8 за инфраструктурно патно и енергетско поврзување. При крај сме со една иницјатива, ќе потпишеме скоро дали ние, дали колегите од култура, еден меморандум или договор за воспоставување на културни центри, тие во Скопје, ние во Тирана, малку да работиме и на културно зближување во таа смисла. Се разбира, зборувавме за еден од мостовите на нашата блискост и пријателство, тоа се значителната албанска заедница во нашата држава и македонското малцинство во Република Албанија", истакна Димитров.
Министерот Цакај рече дека неговото доаѓање во Северна Македонија е повеќе од симболично, бидејќи, според него, тоа ја рефлектира неопходноста од продлабочување на билатералните односи во целина и евидентната потреба за зголемување на соработката во процесот на евроинтеграција.
„Република Северна Македонија не е само сосед наметнат од случајните географски околности, туку е една пријателска земја и стратешки партнер, со кого односите се култивираат преку принципите на отворен дијалог и ефективна соработка“, додаде Цакај.
Според него, Албанија во последен период безрезервно го поддржа Договорот од Преспа како инспирација за решавање на споровите наследени од историјата на отворените прашања, додека рече тој, Собранието на Албанија беше еден од првите парламенти кои го ратификуваа Протоколот за членството на Северна Македонија во НАТО.
Двајцата министри прокоментираа и за идејата за корекција на границата меѓу Косово и Србија за решавање на спорот меѓу овие две земји.
Во врска со тоа прашање, Цакај рече дека на Албанија е должна да го поддржи Косово во овој процес, бидејќи, според него, земјата има поддржувачка улога во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија, која треба да се финализира со взаемно признавање на државите, што ќе донесе европска перспектива и место во ОН за Косово.
Министерот Димитров во врска со тоа истакна дека гледната точка на официјално Скопје е дека поддржува секој договор за кој ќе се согласат Белград и Приштина, договор кој ќе рефлектира со стабилност на регионот и исполнување на визијата за целиот регион да се вклучи во ЕУ.