СКОПЈЕ (АА) - Верниците од христијанска вероисповед во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред нивниот голем празник Божиќ, кога според христијанското учење е денот на Христовото раѓање.
Во разговор за Anadolu Agency (AA), протојереј Сашко Николовски од Соборниот храм во Скопје зборуваше за важноста на овој празник за верниците христијани. Тој вели дека Божиќ се смета за празик, мајка на сите други празници во христијанството.
„Како што вели Св. Јован Златоуст, ова е мајка на сите празници. Да не беше Божиќ, немаше да ги имаме ниту сите други празници. Суштината е уште во самиот почеток, бидејќи во оној момент кога нашите прародители паднале и го изгубиле рајот, Господ не ги оставил. Бог е човекољубец, ги сака луѓето и повторно се грижи за нивото спасение", вели протојереј Николовски, кој додава дека Божиќ за верниците христијани носи голема радост. Во понатамошниот разговор, тој објаснува како црквата одредила да се празнува овој празник:
„За сите поголеми празници ние се подготвуваме со пост, не само телесен, туку и духовен пост, бидејќи телесниот пост ако не е придружен со духовен, нема никакво значење. Молитвите едноставно се крилјата што го подигнуваат тој пост. Ние во текот на тој пост мислиме што повеќе на Бога. Ние се подготвуваме во целиот пост, но најмногу за Бадник и Божиќ, кога се приредуваат свети литургии“, истакнува протојереј Николовски.
Во својата порака до сите граѓани, протојереј Николовски порачува дека на светот му недостасува повеќе мир, и затоа посакува во светот да има повеќе мир и љубов.
„Не само до верниците, туку и до сите луѓе. На овој свет му фали многу повеќе мир, многу повеќе радост и пред сѐ, многу повеќе љубов. Љубовта е она што треба повеќе да зацарува во светот за да имаме благосостојба“, порачува тој.
Во пресрет на христијанскиот празник Божиќ, во главниот град на Македонија, во Скопје се чувствува поголема раздвиженост од вообичаеното, бидејќи граѓаните брзаат да ги направат последните подготовки за овој празник.
„Празникот ќе го поминам среќно и весело, во кругот на семејството. Трпезата за Бадник тогаш е посна: риба, гравче, салата, сарми... а за Божиќ свечено ќе испечеме месо“, вели за АА Фани Ефтимиадоска, докторка од Кичево, која за празниците дојде во посета на својата сестра во Скопје.
Брачната двојка Билјана и Спиро Ристоски од Скопје велат дека ги прават последните подготовки за да го дочекаат празникот како што тоа доликува, со полна трпеза и со сите обележја на Божиќ.
„Подготовките одат најпрво со гранче, па потоа со сѐ друго. Прво за коледарчињата да испазариме, па потоа за Божиќ“, вели Билјана. „Не е како минатите години, кога имаше еуфорија. Тоа помина, но ние пак ќе го славиме, тоа е наш голем празник, свето нешто што ќе го славиме секогаш“, истакнува нејзиниот сопруг Спиро.
Лепчето со паричка е главното обележје на празникот Божиќ, вели Рајна од Скопје. Таа додава дека според верувањата, оној кај кого ќе се падне паричката ќе биде среќен во текот на целата година.
Традиционално, во пресрет на Бадник, во скопските маала и во другите населени места во Македонија се одржуваат народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутрина, пак, пред вратите од куќите доаѓаат коледарите, кои според христијанската традиција, го најавуваат Христовото раѓање.
Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот, оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата и посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од сѐ по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште „дел за Бога и дел за куќата."
Исто така, за да бидат здрави сите во семејството, вечерта во огнот се става бадниковото гранче, односно гранче даб, кој се смета за најздраво дрво.
Според христијанското верување, бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, а со нив православните верници ги украсуваат домовите за бадниковата вечер, во пресрет на празникот Божиќ.