Admir Fazlagic
28 Јануари 2017•Ажурирај: 28 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов вечерва во Струга организираше прием за членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија. Во своето обраќање Иванов истакна дека „во услови кога Унијата се соочува со бројни предизвици, а другите меѓународни организации се блокирани, на регионот му е потребно регионално стратегиско свртување кон внатре", пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од кабинетот на претседателот Иванов, тој во својот говор ја истакнал неопходноста од соработката на полето на регионалната безбедност.
„Неопходно е да соработуваме на полето на регионалната безбедност за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици. Неопходно е да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар. Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион на безбедност, мир и благосостојба", истакна претседателот Иванов.
Меѓу другото, тој потенцираше дека отсуството на ЕУ и на НАТО може да ја загрози стабилноста на Балканот.
„Ние на Балканот го чувствуваме отсуството на Европската Унија и на НАТО, што може да ја загрози стабилноста на Балканот. Во последниов период слушаме реторика и гледаме постапки кои по многу нешта потсетуваат на периодот што мислевме дека е далеку зад нас – периодот на распадот на една заедничка поранешна држава", изјави Иванов.
Иванов истакна дека „отворањето на старите рани и мешањето во внатрешните работи на државите може да ги загрози добрососедските односи."
„Долго време не ги коментирав изјавите и постапките на некои политичари од соседството затоа што верував дека само со игнорирање можат да се изолираат. Иако не заслужуваат коментар, сепак, ќе кажам дека отворањето на старите рани и мешањето во внатрешните работи на државите може да ги загрози добрососедските односи. А добрососедските односи не се еднонасочна, туку двонасочна улица", рече претседателот Иванов.
Исто така, тој кажа дека Република Македонија, воопшто, не се срами и не се обидува да ја потиснува својата мултиетничка, мултирелигиска и мултијазична традиција и им порача на лидерите од состедството да се соочат со вистината за етничката, религиската и јазичната различност во нивните држави.
Во својот говор пред дипломатскиот кор, претседателот Иванов рече дека нема да зборува за политичката криза во Република Македонија, но напомена дека очекува политичките партии во постизборните преговори да водат сметка за како што рече, „државните интереси на Република Македонија и за националните интереси на македонскиот народ."
Претседателот Иванов во својот говор се осврна на масовните миграции истакнувајќи дека тие подлежат на двојна злоупотреба.
„Од една страна, заканата од илегална миграција е алатка за невоен притисок во менаџирањето со конфликти и кризи. Оние кои сакаат да вршат притисок врз одредена држава, едноставно ги „извезуваат" и ги насочуваат мигрантите по патот до крајната дестинација. Од друга страна, радикалите, екстремистите и странските терористички борци ја злоупотребуваат несреќата на мигрантите и бегалците за незабележливо да се инфилтрираат во државите. Сето ова, за жал, придонесе кон поларизација и ксенофобија во европските општества", рече македонскиот претседател и додаде:
„И покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, што се виде во управувањето со мигрантската криза и со намалувањето на безбедносните ризици. Им благодарам на сите европски држави кои ни помогнаа на овој план."
Според него, решението и за двата наведени проблеми се наоѓа во потесната соработка и размена на информации. „За жал, наместо доверба и соработка, гледаме сè повеќе недоверба и дисоцијација", рече претседателот Иванов.
Инаку, ова е осмо обраќање на претседателот Иванов пред дипломатскиот кор во Република Македонија.
Во името на дипоматскиот кор амбасадорот на Руската Федерација,Олег Шчербак на Македонија и нејзините граѓани им посака среќа, мир, стабилност и просперитет.