Beril Çanakcı, Medina Choreska
16 Ноември 2026•Ажурирано: 16 Ноември 2026
Селекторот на Германија, Јирген Клоп, повика на промена на врвот на раководното тело на светскиот фудбал, велејќи дека претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ги направил работите полоши од неговиот претходник, погоден од скандали, Сеп Блатер, јавува Анадолу.
„Не мислевме дека може да биде полошо по Сеп Блатер, а сепак некој навистина успеа“, рече Клоп на прес-конференцијата пред натпреварот на Германија од Лигата на нации на УЕФА против Холандија.
Блатер поднесе оставка во 2015 година поради корупциската криза во ФИФА, а Инфантино беше избран за негов наследник во февруари 2016 година. Тој сега бара уште еден мандат на изборите закажани за март 2027 година.
Притисокот врз Инфантино се засили откако тој беше принуден да се откаже од контроверзниот предлог на ФИФА „Форвард ентерпрајс“, со кој бараше приватни инвестиции што вклучуваат комерцијални права поврзани со Светското првенство и другите натпревари.
Европското раководно тело УЕФА беше меѓу најсилните критичари на планот и повика на ново раководство во ФИФА.
Во моментов само поранешниот дефанзивец на Тотенхем, Рамон Вега и почесниот претседател на Јапонската фудбалска асоцијација, Козо Ташима објавија кандидатури за протикандидати на Инфантино. Рокот за нови кандидати е среда.
Клоп рече дека на фудбалот му треба претседател чиј приоритет е иднината на спортот, а не финансиските интереси.
„Има луѓе што навистина се грижат за иднината на фудбалот, луѓе што не се водени од финансиски интереси“, рече тој.
„Ако некој таков истапи, ако некој таков стане претседател, мислам дека тоа би било значително подобрување.“