Elena Trenchevska Chekovic
15 Септември 2026•Ажурирано: 15 Септември 2026
Во Скопје започнаа активностите за декоративно и архитектонско осветлување на историскиот Камен мост, кој ги поврзува двата брега на реката Вардар и потекнува од османлискиот период, јавува Анадолу.
Камениот мост, еден од најзначајните симболи на Скопје, кој го поврзува современиот центар на градот со историската Стара чаршија, со проектот за осветлување ќе добие нов изглед во ноќните часови, со што дополнително ќе се истакне неговата историска и архитектонска вредност.
Проектот се реализира во рамките на соработката меѓу Град Скопје, турската Општина Есенлер и Халкбанк Скопје.
Со декоративното и архитектонското осветлување, кое ќе биде реализирано во согласност со историскиот карактер на Камениот мост, се очекува мостот и во ноќните часови да биде уште поистакнат како еден од препознатливите симболи на Скопје.
Град Скопје во објавата на социјалните мрежи наведе: „Камениот мост добива нов сјај! Започнаа активностите за декоративно и архитектонско осветлување на еден од најпрепознатливите симболи на Скопје.“
„Новото осветлување ќе ги истакне неговите историски и архитектонски вредности и ќе создаде посебна глетка во ноќната панорама на градот. Проектот се реализира во рамките на пријателската соработка со Општина Есенлер“, се додава во објавата.