САРАЕВО (AA) - Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ), Денис Звиздиќ, по состанокот со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, порача дека во фокусот на разговорите беа европската интеграција и економската соработка, и порача оти постои заинтересираност да се воспостави авиолинија Софија – Скопје – Сараево, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој потсети дека Бугарија од 1. јануари го презема претседавањето со ЕУ и оти станува збор за држава што БиХ ја поддржувала во сите активности, особено кога станува збор за европските интеграции. Звиздиќ изрази сигурност дека бугарскиот премиер со владата ќе биде пријател во поддршката на БиХ при процесот на зачленување во ЕУ.
„Она што е исклучително важно е фактот што во програмата на претседавањето е проширувањето на ЕУ. Со тоа, идејата за проширување на ЕУ на просторот на Западен Балкан и понатаму ќе остане во фокусот на европските институции. Токму тоа е клучен фактор за понатамошни активности на патот на европските интеграции на БиХ“, истакна Звиздиќ.
„Уште еднаш констатиравме голем недостаток во смисла на квалитетна инфраструктура, особено сообраќајна. Во таа смисла, ќе продолжиме заеднички да работиме на креирањето проекти коишто позначително ќе го поврзат Западниот Балкан, но и Западен Балкан со ЕУ. Разговаравме и за можностите за подобро поврзување преку авиолинии, и постои можност заедно со Македонија да направиме барање кон оние авиокомпании кои ќе бидат заинтересирани, да се направи линија Софија – Скопје – Сараево“, рече Звиздиќ.
Звиздиќ и Борисов се сложија дека прашањето на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан е предуслов за понатамошниот развој.
„Сепак, убаво е што судбината на Западен Балкан ја држиме во наши раце. Од една страна го имаме Брегзит, а од друга страна Западен Балкан, со природни ресурси и неверојатни можности. Сѐ е во рацете на политичката елита на Балканот и во тоа никој друг не би можел да ни помогне. Минатото треба да остане во минатото, а ние мораме да одиме напред. Секое свртување во минатото ги уништува сите перспективи. Не може да постојат нерешени прашања и да кажеме дека кога ќе влеземе во ЕУ, тие на некој начин ќе бидат решени. Мораме да ги решиме денеска, со сите политички жртви кои мораме да ги трпиме. Западен Балкан не може да постои без Србија, Хрватска, Македонија, но не може ниту без Албанија и БиХ“, појасни Борисов.
Како што рече тој, меѓу сите тие држави постои некој камен на сопнување и тоа мораат да го решат политичарите.
Борисов рече дека Србите се нивни пријатели, Русија е нивен пријател, како и Турија, со кои соработуваат на различни проекти.
„Но, пред ЕУ мораме да одиме со веќе решени проблеми, а не да зборуваме за тоа дека не прифаќаме независност на Косово или некое друго прашање кое чека да биде решено. Кога ќе се договорите, тогаш излезете. Имаме ретка шанса, го имаме Брегзит, и три држави ваши пријатели. Доколку ја пропуштиме таа шанса, следната не знаеме кога ќе биде. Промени мора да има во главите на политичарите“, изјави Борисов.
По состанокот Звиздиќ – Борисов, потпишани се измени и дополнувања на Договорот на Владата на Република Бугарија и Советот на министри на БиХ за меѓународен патен превоз на патници и стока, кој го потпишаа министерот за транспорт и комуникации на БиХ, Исмир Јуско, и министерот за транспорт, информатички технологии и комуникации на Бугарија, Ивајло Московски.
Бугарскиот премиер денеска ќе се состане и со членовите на раководството на Парламентарното собрание на БиХ и со членовите на Претседателството на БиХ, а ќе го посети и бугарскиот контигент на ЕУФОР.
news_share_descriptionsubscription_contact
