Besar Ademi
02 Февруари 2018•Ажурирај: 03 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс, по петдневната посета на Македонија, истакна дека властите во оваа држава треба да спроведуваат политики кои поттикнуваат интеракција и разбирање меѓу етничките заедници и кои промовираат социјална кохезија заштитувајќи ги различностите, јавува Anadolu Agency (AA).
Муижниекс за прв пат ја посети Македонија во 2012 година, кој во тоа време се фокусираше на општествената кохезија и транзициска правда. За време на сегашната посета, тој посети некои училишта во земјата, каде беше информиран за спроведувањето на проектите во неколку училишта кои им овозможуваат на децата да се вклучат во заеднички активности.
Муижниекс нагласи дека од неговата посета пред 5 денови се забележува дека етничките и јазичните поделби се продлабочени уште повеќе, особено во областа на образованието.
„Вие имате потреба за долгорочна системска политика и значајни инвестиции за градење на тие мостови“, рече тој.
Муижниекс истакна дека негвиот заклучок е дека Охридскиот рамковен договор го спрачи конфликтот, но не создаде кохезивно општество. Според него, властите треба да продолжат со овие проекти, како и да развијат посистемска долгорочна политика за да се избегне поделбата меѓу децата од различни етнички припадности во образовниот систем.
„Тоа што забележав е доцнењето на вашите деца во изучувањето на јазиците. Децата Албанци почнуваат да го изучуваат македонскиот јазик во четврто одделение, додека на децата Македонци не им се дава можност да започнат да го учат албанскиот јазик до шесто одделение. Затоа, и кога има добра волја, и децата сакаат да ги изучуваат јазиците едни на други, често не им се дава можност“, додаде Муижниекс.
Тој истакна дека постои напредок што се однесува до правата на припадниците на ромската етничка припадност во земјата, поздравувајќи го отстранувањето на профилирање на Ромите на границата за да бидат спречени да ја напуштат земјата, нешто што, како што рече тој, беше голем проблем пред 5 години кога бил во посета на Македонија.
Тој ја поздрави подобрената атмосфера во земјата за унапредување на човековите права.
Муижниекс кој во Македонија престојува од 29 јануари, исто така остварил средба со премиерот на Македонија Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, како и со другите државни функционери, и претставници на политичктие партии во земјата.
На овие настани се разговарало за прашања околу состојбата со човековите права и слободи, меѓународните обврски на земјата во областа на човековите права, како и околу актуелните настани и спроведувањето на реформите започнати во Македонија.