Zylfije Adem Jakupi
19 Јануари 2022•Ажурирај: 20 Јануари 2022
ПРИШТИНА (АА) - Министерката за индустрија, претприемништво и трговија на Косово, Розета Хајдари, оцени дека усвојувањето на Нацрт-законот за надворешна трговија на Косово ќе воспостави реципроцитет со Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На дебатата „Зборувај отворено“, организирана од невладината организација ФОЛ (Зборувај), Хајдари рече дека пред каква било акција на реципроцитет ќе се направи темелна анализа за да се заштити косовскиот пазар.
Во октомври минатата година, МИПТ донесе две одлуки за антидампинг-заштитни мерки за некои производи увезени од Србија.
Министерката Хајдари ги повика бизнисите во Косово да пријават во Министерството доколку наидат на феномен на комерцијален дампинг. Таа рече дека Србија се обидува тајно да дејствува за тоа прашање за да му наштети на Косово.
„Србија не носи никаква одлука за Косово бидејќи не го признава Косово. Дејствува во тишина, обучува разни цариници и инспектори за фитосанитарни сертификати, за тестирање на квалитет и дејствува на терен“, рече Хајдари.
Таа рече дека во текот на 2021 година, од доаѓањето на Владата на премиерот Албин Курти, бизнис-климата во Косово е подобрена.
„Во текот на 2021 година имавме голем интерес од инвеститорите во Косово, а сето тоа затоа што многу земји во Европа и светот имаат намера да се приближат до брегот за да ги намалат своите трошоци, наместо да останат во далечните земји од Азија и Африка поради транспортните трошоци, како и поради високите трошоци поврзани со тарифите“, рече таа.
Според нејзините зборови, Косово како парична валута го има еврото, кое е едно од конкурентните потенцијали, како и човечкиот фактор, ниските даноци од 10 отсто, патната и дигиталната инфраструктура која овозможува бизнис, банкарска стабилност и политичка стабилност.
Таа зборуваше и за поскапувањето на основните производи, оценувајќи дека тоа се случува поради растот на увозната инфлација.