Fatjon Cuka
05 Мај 2021•Ажурирај: 07 Мај 2021
ТИРАНА
Албанија донесе одлука за укинување на карантинот за граѓаните на Северна Македонија и Грција, кој беше во сила во период од две недели, додека другите мерки остануваат во сила, јавува Агенција Анадолија (АА).
Техничкиот комитет на експерти на оваа земја на прес-конференција ги соопшти последните одлуки по оценувањето на ситуацијата во врска со пандемијата на Ковид-19.
Министерката за здравство и социјална заштита на Албанија, Огерта Манастирлиу, истакна дека овој комитет ја оценил ситуацијата во Северна Македонија и Грција.
„Во соседните земји во последните две недели е забележана тенденција на намалување на случаите со инфекција. Комитетот донесе одлука за укинување на 14-дневниот карантин со Грција и Северна Македонија“, рече Манастирлиу.
Таа нагласи дека по барање на Министерството за образование, спорт и млади, ќе се дозволи и отворање на аудиториумите на универзитетите само за процесот на консултации и периодот на испити.
Манастирлиу потврди дека другите мерки во оваа насока ќе останат во сила.
Во земјата се спроведува ограничување на движењето на граѓаните и работата на рестораните од 22:00 до 6:00 часот, како и забрана за масовни собири.