Furkan Abdula
10 Февруари 2023•Ажурирај: 12 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Тимот на Армијата на Северна Македонија, кој учествува во операциите за пребарување и спасување под урнатините по разорните земјотреси кои ја погодија Туркије на 6 февруари, помогна во извлекување на петгодишно дете од урнатините во Кахраманмараш, пренесува Анадолу.
Информацијата преку писмено соопштение ја потврди Генералштабот на Армијата на Северна Македонија.
„Армискиот тим, кој е ангажиран во активностите за пребарување на теренот, пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеаните во градот Кахраманмараш, во попладневните часови асистира во успешно спроведена акција на спасување млад човечки живот од урнатините“, се вели во соопштението.
„Нашиот армиски тим, по сознанијата дека се слушнати гласови од под урнатините, по шестчасовно расчистување на урнатините слушнал детски глас, по што заедно со турскиот тим за пребарување и по четиричасовно максимално ангажирање успеал да го извлече петгодишниот Сулејман од урнатините“, се додава во соопштението.
Инаку, дополнителен армиски состав од 36 припадници од Баталјонот за специјални сили при Армијата на Северна Македонија обучени за спасување и пребарување во урнатини, вчера замина во Туркије, со цел да учествува во хуманитарните операции во областите кои се најмногу погодени од катастрофалните земјотреси.