Alma Dekovic
01 Декември 2022•Ажурирај: 02 Декември 2022
САРАЕВО (АА) – Во Сараево денеска се одржа конститутивната седница на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, на која новоизбраните пратеници дадоа свечена изјава и беше избрано раководството на тоа законодавно тело, јавува Агенција Анадолија (АА).
Конститутивната седница за денеска ја свика претседавачот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина во досегашниот состав, Небојша Радмановиќ, кој на почетокот на седницата, како привремен претседавач, ја прочита листата на пратеници во новиот состав на Претставничкиот дом на ПСБиХ, кои ја презедоа функцијата со заедничко давање и поединечно потпишување на свечената изјава.
Подоцна на дневен ред на седницата беше извршен и изборот на претседавач на ова тело, чија должност во следниот мандат ќе ја извршува Денис Звиздиќ (НиП), кој беше кандидат од бошњачкиот народ. За прв потпретседавач е избран Маринко Чавара (ХДЗ БиХ) од хрватскиот народ, додека Небојша Радмановиќ (СНСД) од српскиот народ ќе биде втор потпретседавач на Претставничкиот дом на ПСБиХ.
За членови на Колегиумот пред гласањето беа предложени Маринко Чавара, Небојша Радмановиќ, Младен Бошиќ и Денис Звиздиќ.
„Ни претстои сериозна и одговорна работа, немаме премногу време за губење. Време е за нов моментум на евроатлантскиот пат, за забрзан социоекономски развој и зајакнување на владеењето на правото. Време е да се даде приоритет на усвојувањето на реформските закони кои ќе ја водат оваа земја напред“, рече Звиздиќ.
Во согласност со деловникот, новоизбраното раководство го презеде управувањето со остатокот од конститутивната седница на Претставничкиот дом на ПСБиХ, каде што беше избрана и Комисијата за подготовка на изборите на Советот на министри на БиХ.
Претставничкиот дом се состои од 42 члена, од кои две третини се избираат од територијата на Федерацијата Босна и Херцеговина, а една третина од територијата на Република Српска.