Dzihat Aliju
02 Декември 2022•Ажурирај: 03 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) – Претставници на приватните превозници во Скопје во текот на денешниот ден организираат предупредувачка блокада, а доколку не се постигне договор со Град Скопје за враќање на долговите, најавуваат дека од понеделник целосно ќе блокираат раскрсници и патишта, јавува Агенција Анадолија (AA).
Околу 200 автобуси и 300 возачи учествуваат во денешната блокада на булеварот „Илинденска“ во главниот град, која почна од пред зградата на Владата на Северна Македонија, а ќе заврши во близина на седиштето на Град Скопје.
Автобусите на приватните превозници ги блокираа десните коловозни ленти на булеварот „Илинденска“, а ќе останат до 17 или 18 часот попладне.
Кемал Муриќ, претставник на приватните превозници на Град Скопје, во изјава за АА рече дека како што најавиле вчера, ги паркирале автобусите на десните коловозни ленти на булеварот што води до седиштето на Град Скопје.
Тој ја обвини градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, дека дава неточни изјави за бројот на автобуси на приватните превозници.
„Ова е, исто така, еден вид предупредување. Во меѓувреме ние службено побаравме прием кај градоначалничката уште еднаш да се обидеме да најдеме решение за состојбава предизвикана лично од нејзина страна и од страна на Јавното сообраќајно претпријатие“, рече Муриќ.
„Бидејќи како што е познато, не ни го плаќаат долгот направен во изминатиот период за којшто чесно сме извозиле и сме ги изработиле средствата“, додаде тој.
– Превозниците најавуваат тотален штрајк на 5 декември –
Тој информира дека од понеделник, 5 декември, ќе стапат во тотален штрајк блокирајќи ги раскрсниците „Мавровка“, „Црвен крст“ и булеварот „Илинденска“ во сите четири коловозни ленти.
Како резултат на целата ситуација и натрупаниот долг, двете компании кои ги застапуваат приватните превозници во Скопје, „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, протестираа и порано, вклучително и во понеделникот кога ја блокираа една од најфреквентните раскрсници во Скопје.
Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вчера ја повика централната власт да помогне и да биде посредник во спорот на приватните превозници со Град Скопје.
– Град Скопје го раскина договорот со „Слобода превоз“ –
Во меѓувреме, Град Скопје вчера соопшти дека е раскинат договорот со Здружението на приватни превозници „Слобода превоз“ поради неисполнување на обврските кои произлегуваат од договорот.
Според нив, градскиот јавен превоз работи континуирано и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во моментов има доволен капацитет да одговори на потребите на граѓаните на Скопје.
Од Град Скопје апелираа до „Слобода превоз“ да ја ревидираат одлуката за блокирање на улиците на главниот град, тврдејќи дека на овој начин нема да се постигне никакво решение, туку дека проблемот уште повеќе ќе се продлабочи.