Kemal Zorlak
22 Февруари 2023•Ажурирај: 23 Февруари 2023
СРЕБРЕНИЦА (АА) - Меморијалниот центар во Сребреница започна проект за снимање на усната историја под називот „Приказни за иднината“, финансиран од Владата на Тузланскиот Кантон. Овој проект претставува продолжение на снимањето на личните приказни на преживеаните сведоци на геноцидот во Сребреница, јавува Анадолу.
Хасан Хасановиќ, раководителот на тимот за усна историја, истакна дека досега се снимени 450 лични приказни и дека со дополнителните 50 што ќе бидат снимени преку овој проект, Меморијалниот центар во Сребреница ќе има вредна збирка од 500 усни историски белешки.
„Во тој поглед, Меморијалниот центар соработува со меѓународни партнери за интернационализација на усните истории. Во оваа пригода сакам да истакнам дека сме горди на соработката со Фондацијата „Шоа“, која во својата колекција во Архивот на визуелна историја има и 20 усни истории од нашата колекција“, наведе Хасановиќ.
Премиерот на Тузланскиот Кантон, Ирфан Халилагиќ, истакна дека Владата на Тузланскиот Кантон пружа континуирана поддршка за работата на Меморијалниот центар.
„Владата на кантонот Тузла континуирано ја поддржува работата и проектите на Меморијалниот центар во Сребреница. Исклучително е важно сведоштвата на преживеаните да бидат документирани, складирани и достапни за домашните и меѓународните истражувачи кои го истражуваат геноцидот во Сребреница. Благодарни сме на тимот од млади експерти кои неуморно работат на зачувување и ширење на вистината, тоа е траен залог за генерациите што доаѓаат“, рече Халилагиќ.
Преку проектот „Приказни за иднината“ ќе се снимаат 50 нови сведоштва кои ќе бидат транскрибирани, преведени на англиски јазик, а потоа и индексирани. Махир Омеровиќ, координатор на проектот, им се заблагодари на преживеаните за нивната подготвеност да ги споделат своите искуства.
„Ги замолувам сите луѓе кои го преживеаја геноцидот во Сребреница да го контактираат тимот на Меморијалниот центар во Сребреница за да ги забележиме нивните искуства и на тој начин трајно да ги зачуваме од заборав. Меморијализацијата на нашето индивидуално и колективно сеќавање ќе ги зацврсти темелите на вистината што е посведочена и докажана пред меѓународните и домашните судови. На овој начин сите заедно го одржуваме сеќавањето и ја чуваме вистината“, изјави Омеровиќ, координатор на проектот.