Furkan Abdula
09 Септември 2021•Ажурирај: 10 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Бројот на загинати во синоќешниот пожар кој го зафати ковид-центарот во Тетово се зголеми на 14 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Јавното обвинителство на Северна Македонија, за вршење непосреден увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, синоќа излегле и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје.
Се истакнува дека на местото на настанот бил и јавниот обвинител на Северна Македонија кој присуствувал и на работата на Кризниот штаб.
„Во соработка со припадници на МВР, веднаш е започнат увидот. Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица“, се наведува во соопштението.
Во соопштението се вели дека за некои од починатите ќе биде потребна ДНК-анализа за да се утврди нивниот идентитет.
Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал, а се нагласува дека до раните утрински часови, обвинителите сослушале вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот.
„Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители, заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан“, се додава во соопштението.