İhvan Radoykov
15 Јануари 2018•Ажурирај: 16 Јануари 2018
СОФИЈА (АА) - Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, го поздрави ратификувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија, ратификуван денес во Собранието на Р. Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писмено соопштение на прес-службата на бугарското Министерство за надворешни работи се наведува дека министерката Захариева го поздравила ратификувањето на договорот меѓу двете земји во македонското Собрание.
„Со оваа одлука се исполнува еден од важните елементи за градење на добрососедските односи кои се основа на консолидација на европската перспектива на сите земји од Западен Балкан“, нагласи Захриева, се вели во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението, Захариева вели дека Бугарија ќе продолжи активно да ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон евро-интеграциите.
Како што се наведува во соопштението, Захариева истакнува дека оваа одлука претставува стратешки избор на Бугарија во рамките на приоритетите на земјата во периодот на претседавањето со ЕУ.
„Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Македонија е врз основа на заедничките европски вредности кои го прави нашиот регион пообединет и посилен“, нагласи Захариева.
- Борисов со честитки за ратификувањето на Договорот за добрососедство во македонското собрание -
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, упати честитки за ратификувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р. Бугарија и Р. Македонија.
Борисов преку соопштение упати честитки до Собранието на Македонија по повод ратификувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете соседни земји.
Пратениците на Собранието на Република Македонија на денешната 30. собраниската седница го ратификуваа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Во работата на Парламентот не учествуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Потсетуваме, премиерите на Република Македонија и на Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, во август минатата година во Скопје потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.