Zülfiya Yakup
15 Јануари 2018•Ажурирај: 16 Јануари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Поранешниот косовски премиер, Иса Мустафа, денеска претпладне ќе бидe однесен во Германија на понатамошно лекување, поради влошувањето на здравствената состојба последните денови. Владата на Косово и премиерот, Рамуш Харадинај, им понудија помош на семејството Мустафа, јавува Anadolu Agency (AA).
Поранешниот косовски премиер, кој е и лидер на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, пред неколку дена, поради грип беше сместен во болница, но неговата здравствена состојба се влоши, по што семејството одлучи да го префрли во Германија на испитување и понатамошно лекување.
Високиот советник на Иса Мустафа, Бесник Бериша, за косовските медиуми изјави дека Мустафа е во свесна состојба, и дека веќе сè е подготвено и договорено за неговиот трансфер, кој ќе биде со целосна поддршка на премиерот Харадинај.
Косовската влада соопшти дека е загрижена поради влошеното здравје на поранешниот премиер Мустафа.
„Владата на Косово и премиерот Харадинај се со семејството на Мустафа, им даваат поддршка и посакуваат брзо закрепнување на поранешниот премиер, Иса Мустафа. Владата ќе понуди целосна институционална помош за третманот на г-дин Mустафа“, се вели во соопштението.