Dejan Maksimoviç
05 Јануари 2017•Ажурирај: 05 Јануари 2017
ВИЕНА (АА) - Дуња Мијатовиќ, претставничка на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите го осуди нападот на Нихад Ибрахимкадиќ, камерман на Anadolu Agency (AA), кој рано утринава се случи во Белград, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Иако сѐ уште е нејасно дали нападот се однесувал на неговиот професионален ангажман, верувам дека властите темелно ќе го истражат овој гнасен напад и сторителите ќе ги приведат пред лицето на правдата. Нападите на медиумите едноставно не може да се толерираат“, изјави Мијатовиќ.
Камерманот на Anadolu Agency, Ибрахимкадиќ, во нападот се здобил со тешки телесни повреди, а по нападот го пронашле припадниците на жандармеријата и помогнале во транспортирањето до Воено-медицинската академија Белград.
Засега неидентификуваните напаѓачи го нападнале камерманот од зад грб, а за време на нападот и по него не зборувале ништо, ниту пак зеле предмети од вредност. Вработениот на АА е нападнат во раните утрински часови, по враќањето од БиХ, каде што престојувал за време на новогодишните празници.
За нападот на камерманот на АА се известени амбасадата на БиХ во Србија и амбасадата на Република Турција, како и надлежните органи на Република Србија.
Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите го набљудува развојот на медиумите во сите 57 членки држави на ОБСЕ. Таа предупредува на кршењето на слободата на изразување и слободата на медиумите.