Husamedin Gina
30 Септември 2019•Ажурирај: 01 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) – Владата на Северна Македонија од утре, 1 октомври, ги укинува квотите за лекови на територијата на целата земја, така што, граѓаните ќе можат да го подигнат потребниот лек од која било аптека во кој било ден од месецот, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за здравство, Венко Филипче и директорите на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев и Орхан Рамадани, денеска на заедничка прес-конференција информираа за реформата за укинување на квотите за лекови на територија на целата држава.
Истакнувајќи дека укинувањето на квотите низ аптеките за лекарства низ целата земја е сериозен чекор, премиерот Заев рече дека со мерката ја отстрануваат психолошката бариера кај граѓаните дека ќе останат без лекови.
„Меѓу први и трети и меѓу први и петти буквално завршуваат лековите, зошто, најмногу поради психолошкиот ефект врз граѓаните. А тоа е дека дефинитивно е можно и да снема лекови по 15., да направиме домашна аптека, доволна резерва, за да не останеме без лекарства“, нагласи премиерот Заев.
Премиерот Заев, истакнувајќи дека ќе бидат зајакнати и контролните механизми, рече дека одредени индиции покажуваат дека многу често се правеле и кривични дела со рецептите, со аптеките, со лекарите или слично.
Министерот за здравство, Венко Филипче, посочувајќи дека пилот-проектот летово бил спроведен во некои туристички места во земјата како Охрид, Струга, Гевгелија, Ресен и Дојран, рече дека проектот поминал успешно.
„Од 1 октомври граѓаните на Република Северна Македонија ќе имаат достапни лекови во кој било период од месецот. Од утре ги укинуваме квотите на лековите низ аптеките насекаде во државата“, рече министерот Филипче, додавајќи дека со мерката се решава деценискиот проблем за достапност на лековите до сите граѓани.
Наведувајќи дека лековите ќе можат да се подигнат само со лична карта, директорот за Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, рече дека Фондот со новата мерка исто така ќе може да ја следи потрошувачката на лекови во реално време.
Тој, исто така посочи дека граѓаните согласно со нивните здравствени потреби ќе може да добијат лек од која било аптека, секој ден и во секое време, без разлика дали е почеток или крај на месецот.