Bojana Stojanovic
27 Февруари 2019•Ажурирај: 28 Февруари 2019
БЕЛГРАД (AA) - Владата на Србија усвои Заклучок за користење на називот Република Северна Македонија, врз основа на известување на Владата на оваа земја до сите членки на Обединетите нации за промена на името, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Со оглед на тоа дека Србија има добри и развиени односи со оваа соседна земја, а дека промената на името е спроведена на правно валиден начин, Владата ја констатираше промената на името и во идна комуникација ќе го користи називот Република Северна Македонија или скратениот назив Северна Македонија", се наведува во соопштението на Владата на Србија, по седницата на ова тело.
Владата на Северна Македонија, на 12 февруари 2019 година, информираше дека влегува во сила Преспанскиот договор, со кој се решава спорот за името помеѓу оваа земја и Грција, со што Република Македонија го смени своето име од Република Македонија во Република Северна Македонија.
Потсетуваме, Преспанскиот договор во јуни минатата година во грчкиот дел на Преспа го потпишаа владите на Македонија и Грција. Промената на името го решава проблемот со Грција, кој датира уште од прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија во 1991 година.