Fatjon Cuka
11 Март 2021•Ажурирај: 12 Март 2021
ТИРАНА (АА) - Здравствените власти во Албанија потврдија дека во земјата е присутен британскиот сој на новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Техничкиот експертски комитет го потврди британскиот сој на Ковид-19, додека според соопштението на Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија, овој комитет ги остави во сила уште две недели актуелните мерки против пандемијата.
Според соопштението, министерката за здравство и социјална заштита на оваа земја, Огерта Манастирлиу, имаше свое обраќање на состанокот на овој комитет, во кое говореше за епидемиолошката состојба во земјата, и потврди дека постојат нови варијанти на овој вирус во Албанија.
„Што се однесува до епидемиолошката состојба, гледаме дека имаме тенденција на стабилно дневно опаѓање. Од 1 март се забележува стабилен тренд на опаѓање. Но, од резултатите на верификацијата на примероците од периодот јануари-февруари во лабораторијата за вирологија, каде што беше реализирана анализа во соработка со експертите за јавно здравје од Анкара, Турција, се докажа дека [во Албанија] е присутен британскиот сој на Ковид-19, кој постои и во 70 други земји“, рече Манастирлиу, се вели во соопштението.
- Мерките остануваат во сила -
Техничкиот експертски комитет ги остави во сила уште две недели актуелните мерки против Ковид-19 во Албанија.
Во сила се мерките како забрана на движење на граѓаните во периодот од 20:00 до 6:00 часот, со исклучок на итните здравствени случаи и поради работа.
Исто така, забранети се активностите на кафулињата и рестораните од 20:00 до 6:00 часот.
Универзитетите продолжуваат со онлајн настава, но и средните училишта во некои општини наставата ќе ја продолжат онлајн.