Bojan Bednar
25 Ноември 2022•Ажурирај: 26 Ноември 2022
БЕЛГРАД (АА) – Фестивалот наменет за љубителите на видеоигри, серии, филмови, книги, стрипови и поп-култура, „Games.con“, отворен е денеска на Белградскиот саем на повеќе од 25.000 квадратни метри, јавува Агенција Анадолија (АА).
Седмото издание на фестивалот под слоганот „Мора да се левелира“ (левелирањето е зајакнување, подобрување на способностите на ликовите во видеоигрите, заб. на авт.) ги собра најважните претставници на индустријата на модерна забава, а организаторите, поучени од претходните изданија на фестивалот, очекуваат и неколку десетици илјади посетители.
Во текот на трите денови од фестивалот посетителите можат да очекуваат најквалитетен гејминг, уметнички и натпреварувачки содржини, со многу забава, и како што најавија организаторите, разигрување на мозочните виуги и многу подароци.
Посетителите ќе имаат можност да дознаат сè за новитетите од гејминг индустријата, да ги испробаат најновите игри и да ги одмерат своите вештини на многу е-спорт турнири во игрите Каунтер-страјк: Глобал офенсив (CS:GO), еФудбал (eFootball), ФИФА, Браул старс (Brawl Stars) и Мортал комбат (Mortal Kombat), а победниците ги очекуваат вредни парични награди.
За љубителите на популарната култура, обезбедена е широка лепеза од најпопуларните манга стрипови, анима и други филмови, книги и серии од водечките светски франшизи и богата музичка програма.
На „Games.con“ ќе се одржи и натпревар во косплеј (перформанс со костими) и турнир во мечување, а фестивалот ќе трае до 27 ноември.